Романот „Столб што пее“ на Томислав Османли објавен на грчки
- Во издание на книгоиздателството „ Literatus“ деновиве во Грција е објавен претпоследниот роман на македонскиот писател Томислав Османли. Ова прозно дело од македонски јазик го преведе д-р Ставрула Маврогени, книжевна теоретичарка и професорка на Одделот за балкански, словенски и ориентални студии при солунскиот универзитет „Македониа“. „Столб што пее“ е објавен пред две години во издание на „ВиГ Зеница“ од Скопје и беше финалист во изборите за роман на годината како и за наградата за проза на ДПМ.
Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Во издание на книгоиздателството „ Literatus“ деновиве во Грција е објавен претпоследниот роман на македонскиот писател Томислав Османли. Ова прозно дело од македонски јазик го преведе д-р Ставрула Маврогени, книжевна теоретичарка и професорка на Одделот за балкански, словенски и ориентални студии при солунскиот универзитет „Македониа“. „Столб што пее“ е објавен пред две години во издание на „ВиГ Зеница“ од Скопје и беше финалист во изборите за роман на годината како и за наградата за проза на ДПМ.
На кориците од романот уредникот на грчкото издание ќе напише: „Со неверојатна вештина Томислав Османли ја спојува фикцијата со историското минато и создава свет кој е тешко да се прифати, но уште потешко да се отфрли.“
Предговор кон новата, грчка објава на романот „Столб што пее“ напиша писателот Вангелис Тасиопулос, претседател на Друштвото на писателите од Солун: „Томислав Османли, писател од Северна Македонија, познат на грчката јавност од претходните објави, на крајот од својот роман истакнува дека и покрај тоа што сега сите припаѓаме на ранливи стада-групи оптоварени од интереси, надеж сепак постои. Со чувствителност и низ утешно расположение среде мракот, во вид на цврсто убедување тој истакнува дека, како што кај надгробниот столбец на античкиот музичар чија песна дава надеж, па така и еден подобар, поспокоен и мирен свет е изводлив...“
По македонската објава со деталниот, аналитички предговор на Глигор Стојковски романот со свои рецензии во Македонија го проследија и проф. Д-р Лидија Капушевска, проф. Д-р Весна Мојсова Чепишевска, Александар Маџаровски...
Романот на македонскиот писател во Грција се објавува со поддршка на д-р Ставрос Дајос, историчар и литерат, сопственик на книгоиздателството Literatus, кај нас познат и по објавата на сеопфатната антологија „Балканско расказно творештво“ во кое се објавени преводите на грчки јазик на осум македонски прозаисти, меѓу кои и расказот „Шапката на професорот Даштевски“ од Томислав Османли.
Преводот на романот „Столб што пее“ од Томислав Османли е објавен со финансиска поддршка од Фондот за поддршка на македонски книги во странство при македонското Министерство за култура. По драмскиот текст „Апокалиптична комедија“ („Ματζεστικ“, University Studio Press, Thessaloniki, 2004), романот „Столб што пее“, и покрај бројните расказни објави главно во солунското печатено списание „Ενεκεν“, е втора книга што, по дваесет години, Османли ја објавува во соседна Грција.
Фото: Томислав Османли