• Thursday, 30 January 2025

Рекордна фреквенција на ГП „Блато“ и „Џепиште“, кај Дебар, минатата година минале над 885 илјади патници

Рекордна фреквенција на ГП „Блато“ и „Џепиште“, кај Дебар,  минатата година минале над  885 илјади патници

Дебар, 29 јануари 2025 (МИА) - На двата гранични премина „Блато“ и „Џепиште-Требиште“ на македонско - албанската граница кај Дебар, според статистиката на македонското министерство за внатрешни работи, регистрирана е рекордна фреквенција на патници или вкупно 885.425, што е за 122.341 патници  повеќе, споредено со претходната година.

-Гледано одделено, на граничниот премин „Блато“ на влез и излез се 834.345 патници, од нив странски 672.062 и 162.283 македонски државјани. Споредено со претходната година на овој премин бројот е поголем за 120.086 патници. На граничниот премин „Џепиште-Требиште“ минале 51.080 патници, од нив странски 48.116 и 2.964 македонски државјани. Споредено со претходната година бројот е поголем за 12.255 патници, потврдуваат од министерството.

Зголемената фреквенција на ГП „Блато“, се должи, меѓу другото на подобрената патна инфраструктура. Тука, посебно со пуштањето во употреба на автопатот „Патот на Арбр“ (Руга е Арбрит), со кој оддалеченоста, од преминот, до Тирана, сега изнесува 80 километри, што е намалување на оддалеченоста за стотина километри, како и реконсрукцијата на патниот правец Маврови Анови-Жировница а претходно и делницата Живорница-Дебар.

Македонските државјани во Албанија преку преминот „Блато“, кој е на оддалеченот од четири километри од Дебар, минуваат, главно поради користење на летните одмори на албанското крајбрежје, користење на аеродромот во Тирана, за посета или на домашни веселби кај свои роднини и пријатели. 

Албанските државјани двата премина ги користат главно за шопинг во Дебар, каде набавуваат прехранбени артикли, облека, обувки, гориво, лекови, за добивање одредена здравствена услуга, како и за посета на  туристички места. И тие поради роднинска поврзаност со дебрани, доаѓаат во посета на роднини или на домашни веселби кај нив.

Граничниот премин кај Џепиште е од локален карактер, па во летниот период, односно од први април до 31 октомври, работи од 8 до 20 часот, додека од 1 ноември до 31 март, од 8 до 18 часот.  Право да го користат имаат само жителите од граничниот регион, на двете држави, па странските  државјани се сите жители од областа Голо Брдо. вт/са/

Фото: МИА