• Thursday, 30 January 2025

Промоција на „Ѕвезди под клепките“ на Николај Терзијски

Промоција на „Ѕвезди под клепките“ на Николај Терзијски

Скопје, 30 јануари 2025 (МИА) – Промоција на книгата „Ѕвезди под клепките“ на современиот бугарски писател Николај Терзијски ќе се одржи денеска со почеток во „Europe House“ во Скопје.

Како што соопштуваат од Издавачкиот центар ТРИ, посетителите ќе имаат можност да поразговараат со писателот и да добијат потпис на својот примерок од „Ѕвезди под клепките“ во превод на Виолета Танчева-Златева, инаку дел од едицијата „Нашите приказни“ поддржана од Европската Унија.

„Ѕвезди под клепките“ (2022, „Жанет 45“) е трет роман на Терзијски. За ова дело во 2023 година ја освои националната награда „Христо Г. Данов“ за придонес во книжевната култура и беше номиниран за сите значајни награди за проза во Бугарија, а минатата година беше номиниран за наградата за книжевност на Европската Унија.

-„Ѕвезди под клепките“ е можен одговор на некои од најголемите загатки на животот, меѓу кои е и загатката на љубовта. Каде, кога и како ја среќаваме, и како ја препознаваме? Дали во тоа ни помагаат ѕвездите што ни треперат под клепките? Раскошен роман за најзначајните и најтешките животни прашања и дилеми. Повеќеслојна сага со три испреплетени приказни во кои палимпсестно се испишани најмалку уште толку, колку лични толку и универзални. Во нив треперат копнежи и разделби среде историски превирања, премолчани зборови, неискористени можности и неодговорени прашања: еден ли е светот или има мноштво светови во кои паралелно течат нашите животи“, се вели во описот за романот.

Терзијски (1983, Смољан) е современ бугарски писател и новинар. Дипломирал новинарство на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија во 2005 година, а по две години магистрирал на Филозофскиот факултет. Работел како сценарист и ТВ-водител, а од 2003 година е вработен како новинар во продуцентската куќа „Седум осмини“. Во 2014 година го отвора блогот „Терзилаци“, на кој објавува свои раскази, хумористични есеи, политичка сатира, публицистика, осврти за книги.ар/бак/

Фото: ТРИ

 

You May Also Like