• Saturday, 24 January 2026

Револт во Унгарија откако министер рече дека Ромите треба да ги чистат „валканите тоалети“

Револт во Унгарија откако министер рече дека Ромите треба да ги чистат „валканите тоалети“

Будимпешта, 23 јануари 2026 (МИА) - Унгарската опозиција и ромските организации побараа оставка од министерот за транспорт Јанош Лазар, по неговата изјава дека ромската заедница треба да ги „чисти валканите тоалети“ во возовите.

- Ако нема мигранти, а некој мора да ги чисти тоалетите, тогаш мора да ги искористиме нашите внатрешни резерви, изјави Лазар на предизборен настан, додавајќи дека таа „внатрешна резерва“ е ромската заедница.

Лазар говореше за недостигот од работна сила во контекст на изборната кампања пред изборите закажани за 12 април.

Лидерот на опозицијата Петер Маѓар го повика министерот да поднесе оставка, оценувајќи дека „ги преминал сите граници“.

Претставници на организации за заштита на правата на Ромите ја оценија изјавата како скандалозна, нагласувајќи дека ромската заедница редовно се користи како политичка тема за време на изборните кампањи.

Бела Рац, лидер на организацијата „Обединета Унгарија“, истакна дека Ромите значајно придонесуваат за економијата на земјата и побара јавно извинување и оставка од министерот.

Лазар ги отфрли критиките, оценувајќи ги како „типични за наивниот либерален идеализам“ и тврдејќи дека владата направила многу за ромската заедница.

Ромите се најголемата етничка малцинска група во Унгарија и сочинуваат околу седум отсто од населението. ссм/

фото: архива