• Saturday, 27 July 2024

Пронајдени посмртни останки во Косово, се претпоставува дека се од последната војна со Србија

Пронајдени посмртни останки во Косово, се претпоставува дека се од последната војна со Србија

Приштина, 26 јули 2024 (МИА) – Косовската министерка за правда Албулена Хаџиу објави дека на гробиштата во Подујево се пронајдени посмртни останки на лице за кое постои сомневање дека е од списокот на насилно исчезнатите од последната војна со Србија во 1998-99 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хаџиу на нејзината страница на Фејсбук објави дека за пронаоѓањето на овие останки се ангажирани Институтот за судска медицина, Мисијата на Европската унија во Косово, ЕУЛЕКС и косовската полиција.

Косовската министерка за правда вели дека ископувањата продолжуваат и понатаму во потрага по други лица.

Над 1.600 луѓе сé уште се водат како исчезнати од последната војна во Косово.

Косово и Србија се договорија за „Заедничката декларација за исчезнати лица“ пред една година во Брисел, ветувајќи „целосен пристап до веродостојни информации, вклучително и оние со доверлив статус, ставање на располагање на сите релевантни документи за утврдување на судбината на исчезнатите лица, како и заедничка работа преку комисија со која претседава Европската Унија“.

Ниту едно од ветувањата не е исполнето, а косовските власти постојано го обвинуваат официјален Белград за несоработка. иа/