Потребни измени во законската регулатива и систем за поддршка на издавањето книги на Брајово писмо
- За предизвиците со кои се соочува издавањето книги со Брајово писмо, на одбележувањето на Меѓународниот ден на Брајовото писмо, МИА разговараше со Мите Стефоски, уредник во „Алдебаран“. За него книгите напишани на Брајово писмо се вистински книги. Од нив се чита како и од секоја друга книга. И покрај амбициите кога почнале со издаваштво, дека за неколку години ќе стигнат до 100-тина објавени наслови, се соочиле со проблеми поради кои и досега ваквите книги не можеле да бидат направени во поголем број.
Струга, 4 јануари 2025 (МИА) - Прекрасно е да се слуша читањето на некој врвен глумец, ама бесценет е моментот самите да си прочитате книга, со својот внатрешен глас, дикција, со свое разбирање и однос кон таа книга. Но, колку е возможно содржината и мудростите од книгите да допрат до слепите лица. Нивната достапност е овозможена пред точно два века, со иновацијата на слепото 15-годишно момче Луј Брај. Брајовото писмо, наречено во негова чест, е точкасто релјефно писмо, тактилен систем за читање и пишување што го користат слепите лица низ целиот свет. Составено од шест точки (во некои земји осум), кои вертикално се делат на лева и десна колона, а хоризонтално има три реда со по две точки (горен, среден и долен ред). Се чита со движење на раката или рацете од лево кон десно.
На еден посебен, магичен начин, со допир на испакнатите точки, тој тактилен систем го овозможува когнитивниот процес на читањето и разбирањето на текст од книга. Не залудно Европската академија на науки и уметности го прогласи Брајовото писмо за најголем технолошки изум на XIX-тиот век.
Издавачката дејност на книги со Брајово писмо е тешка и скапа, а издавачкиот центар „Алдебаран“ од Струга е еден од ретките во државата, кој меѓу другото редовно објавува публикации на Брајово писмо. Во соработка со „Тифлографика“, единствената специјализирана печатница во земјава, за овој тип книги, објавија 14 наслови на Брајово писмо, а десетина се во фаза на подготвка.
Во рамки на одбележувањето 200 години од Брајовото писмо, пред само десетина дена ги промовираа „Приказни за Зоки Поки“ од Оливера Николова, „Сказна за детето Вилен“ од Глигор Поповски и „Белото циганче“ од Видое Подгорец.
Издавањето книги на Брајово писмо тежок и сложен процес
За предизвиците со кои се соочува издавањето книги со Брајово писмо, на одбележувањето на Меѓународниот ден на Брајовото писмо, МИА разговараше со Мите Стефоски, уредник во „Алдебаран“. За него книгите напишани на Брајово писмо се вистински книги. Од нив се чита како и од секоја друга книга. И покрај амбициите кога почнале со издаваштво, дека за неколку години ќе стигнат до 100-тина објавени наслови, се соочиле со проблеми поради кои и досега ваквите книги не можеле да бидат направени во поголем број.
- Најпрво технологијата за правење вакви книги отсекогаш била сложена и скапа, а сложен и бавен е и самиот процес до финален производ. Процесот бара вклученост на специјално обучени лица во фазите на превод, уредување и коректура на преведениот текст на Брајово. Има строги правила за тоа како треба да биде уреден текстот, а одредени книги, како учебниците, потребно е да бидат и адаптирани од стручни лица, пред воопшто и да бидат преведени на Брајово, појаснува Стефоски.
Од голема помош, додава, е што денес постојат софтвери кои помагаат и го олеснуваат процесот, но, не може да биде заменет индивидуалниот човечки ангажман во сите фази од подготовката и во делот на продукцијата на ваквите книги.
- Бавноста и сложеноста произлегува од тоа што ова се рачно сошиени (подврзани) книги од книговесци со специфични знаења за овој тип проекти. Потребно е секој лист да биде рачно сошиен и така направени за добро да се отвораат и лежат на масата, како би можеле читателите лесно и без напор да ги користат. Треба да бидат технички добро сработени, со одличен, јасно изразен печат (релјеф), изданија кои ќе може да се чуваат и траат, бидејќи може лесно да се оштетат, ако не се заштитени или ако не се добро користени, појаснува Стефоски.
Некои од печатарските машини, според него, користат специфична хартија која ја произведува само еден производител.
- Сето тоа го прави сложен и скап целиот овој процес. Но, тоа не значи дека ние како држава, како заедница не треба да направиме. Без заеднички напори и поддршка овие книги не би можело да бидат направени и да бидат достапни во библиотеките и институциите. Особено е важно државата, институциите на централната и локалната власт и компаниите да развијат свесност сите клучни информации да ги направат достапни и на Брајово писмо, потенцира Стефоски.
Издавањето книга на Брајово писмо е скапо, но неспоредливо со среќата на оние кои ја користат
Покрај специфичноста да се стигне до финален производ, потребни се и многу финансии. Издавањето една книга напишана на Брајово писмо е скапо, но висината на сумата е не споредлива со среќата на оние кои ја користат.
- Покрај стандардни печатарски машини за црн/колор печат, потребни се и продукциски печатари. Овие изданија треба да ги поседуваат сите одлики предвидени за печатените изданија, согласно Законот за издавачка дејност. Пред да биде преведен на Брајово, потребно е да се обезбедат (платат) авторски права, да бидат преведени од странски јазици, лекторирани, уредени како за стандардно издание. Потоа доаѓа преведувањето, уредувањето и лекторирањето на Брајово писмо, појаснува Стефоски.
Сложеноста на постапката и дополнителните фази во производството на ваквите книги ги прави многукратно поскапи во споредба со стандардните изданија. Како илустрација во соседна Србија, на пример, библиотеката „Милан Будумир“, најголемата од тој вид во регионот, со преку 50.000 книги на Брајово, печатењето една книга ја чини околу 1.500 евра по примерок. Ако се земе предвид фактот дека просечно се прават 10-15 примероци, може да се добие претстава колку чини едно издание кај нив. Во Хрватска и Словенија е поскапо. Материјалните трошоци се исти и кај нас неможат да се избегнат или намалат, поевтини се само интелектуалните и други услуги.
Лицата што не гледаат, не се и невидливи
Идејата да се почне со печатење и издавање книги со Брајово писмо кај Стефоски и неговите соработници произлегла од опкружувањето и непосредниот контакт со посебно за нив драги луѓе.
- Сите ние имаме допир и искуства со лица со оштетен вид, познаваме некого. Ако тие не гледаат, не значи дека се невидливи, па така да ги третираме, истакнува тој, навраќајќи се на спомените од неговиот слеп стрико, како и учителот по шах на сопственикот на издавачката куќа Мирослав Размоски, кој користел книги за шах на Брајово и секоја партија ја запишувал со шило.
Оттаму произлегла и идејата за издавање книги на Брајово писмо, која првата иницијатива ја имала во 2015 година, по повод јубилејот 50 години од наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.
- Сакавме да направиме антологија со избор од по неколку песни од сите лауреати. Тогаш се соочивме со проблемот дека, согласно барањата и законите кои нѐ обврзуваа како институција во делот на јавните набавки, ние мора да распишеме тендер на кој ќе треба да се јави печатница која е регистрирана за таков вид печатење и печати такви изданија. Тогаш се соочивме со неможноста да ја реализираме идејата. Настрана тоа што тогаш бевме изненадени колку ќе чини таа наша првична замисла да направиме изданија кои ќе ги распостраниме во сите библиотеки во Македонија, се сеќава Стефоски.
Неколку години подоцна се родила идејата да направат специјализирана издавачка куќа за книги за деца, која ќе прави и книги на Брајово писмо. Немањето печатница која ќе го реализира нивниот проект иницирало и основање печатница која меѓудругото ќе печати и книги на Брајово писмо.
- Сфативме дека треба да помогнеме со она што најдобро го знаеме – правењето книги, во случајот и на ваквите специфични книги, со што ќе помогнеме во образувањето на генерации ученици кои го користат Брајовото писмо. Најпрво треба да им се помогне на тие кои се образуваат, а потоа и на оние кои поминале низ образовниот процес, се оспособиле да го користат тоа писмо, но, за жал, нема што да читаат, и покрај што имаат интерес, истакнува Стефоски.
Потребна заедничка акција и поддршка од сите релевантни институции
За вистински поттик и развој на издавачката дејност на книгите на Брајово писмо потребни се законски измени и ратификација на Конвенцијата од Маракеш, која доцни 10 години, а треба да овозможи низа поволности. Ратификацијата на Договорот треба да ја олесни и подготовката на материјалите за непрофитните институции, како што е училиштето „Димитар Влахов“.
- Потребна се измени во законот за задолжителен примерок по примерот на законите на Хрватска или Србија, повторно воведување откуп на книги, зголемување на поддршката во рамките на Годишната програма на Министерството за култура, но и подеднаква вклученост на министерствата за образование и наука и за социјална политика, демографија и млади, со оглед на тоа што и тие имаат свои надлежности, а со тоа и одговорности, смета Стефоски.
Правото на образование и достапност до информациите, според него, може да се оствари само ако се предвидат начини како да поттикне брајовата писменост и достапноста на книги и други информации на медиуми на кои се запишани со Брајово писмо.
- Сите институции треба да имаат вакви информации, од државни, јавни, до компании, банки итн. Ние доцниме со ова. Надлежните министерства треба да донесат заедничка стратегија како да се поттикне и унапреди употребата. Имаме уште многу работа на тој пат до достигнување на некое прифатливо ниво. Барем судејќи според увидот кој го имаме споредено со други земји кои се на тој евоинтегративен пат. Не се споредуваме со земјите од ЕУ, тврди Стефоски.
Очекува промени во законодавството и подобрувања до начинот на кој ќе бидат поддржувани овие изданија.
- Без заедничка акција и взаемна поддршка, мала земја како Македонија тешко дека би можела да направи исчекор во една ваква дејност. Нам ни треба систем, не е доволно само личен ентузијазам и ангажман на поединци. За решенијата треба да дискутираат сите засегнати и вклучени во процесите. Имаме умни и стручни лица, имаме искуства од други земји, кои само треба да ги адаптираме на нашите услови и ќе се придвижат работите. Најважното е да имаме желба и волја за да ги подобриме, дециден е нашиот соговорник.
Не изостави да проговори ниту за соработката со Државното училиште за рехабилиација на деца и младинци „Димитар Влахов“ од Скопје, како и идејата да се поттикнат и другите издавачи да почнат да објавуваат книги на Брајово писмо.
- Ние, со искуството кое го имаме, се осмелуваме да зборуваме само за прашањата во делот на издаваштвото на Брајово писмо, како да се поттикне и развие, како да се направат достапни овие книги до корисниците, како да се направат и другите информации достапни на Брајово, од брошури до инфо-табли и слични работи кои на некој начин се дел од тоа што е дејноста во која работиме, вели Стефоски.
Слаб интерес кај институциите за книги на Брајово писмо
Интересот кај релевантните институции да набават книги на Брајово писмо, според него е слаб, а кај голем дел воопшто и нема.
- За жал, многу малку библиотеки поседуваат книги на Брајово. А тие што поседуваат имаат само по неколку наслови. Оттаму беше и нашата првична намера со помош на институциите, градоначалниците, општествено одговорни компании и поединци да направиме барем по петнаесетина примероци од секое издание, за да можат да се распостранат по поголемите библиотеки низ Македонија и на тој начин да станат достапни за лицата кои се користат со овие изданија. Државата може и мора да направи повеќе за да ги снабди библиотеките, но и да овозможни во домашни услови да може да се користат преку бесплатната достава по пошта, смета Стефоски.
Брајовото писмо, нагласува, веќе 200 години е клучно за лицата со оштетен вид да имаат еднакви можности како и оние кои се служат со стандарни книги со црн печат.
Слаѓана Стојкова Костоски
Фото: МИА архива