• Friday, 14 March 2025

„Плодови на духот“ - збирка беседи и слова во тритомно издание од проф. д-р Ацо Александар Гиревски

„Плодови на духот“ - збирка беседи и слова во тритомно издание од проф. д-р Ацо Александар Гиревски

Скопје, 13 март 2025 (МИА) – Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи денеска промовираше тритомно издание на книгата „Плодови на духот“ - збирка беседи и слова од дејноста на ставрофорниот протопрезвитер проф. д-р Ацо Александар Гиревски во Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Книгата е објавена од македонската православна црковна општина „Св. Јован Крстител“ во Капиштец по повод 70-тиот роденден на авторот. Во трите тома се содржани 290 слова на илјада страници и секој том е посветен на посебен вид слова – првиот има 81 празнично, вториот 80 неделни и третиот - 129 пригодни слова.

Промовирајќи го делото на отец Гиревски, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан истакна дека се работи за ретко дело во современата македонска богословска книжевност кое се појавува во вистински миг затоа што е, рече, „голем прилог во скромната литература од оваа област во нашата Македонска православна црква“. 

Со  авторот на книгата г.г. Стефан се познавал повеќе од половина век, од есента 1969 кога на 14 години се запишале на Богословијата „Св. Климент Охридски“ во Драчево, како ученици во шестата генерација, како што рече, заедно „подготвувајќи се за Христови пастири“ и во некои класови „делејќи иста клупа и јадејќи леб на иста маса“.

-Мојата радост за појавата на ова монументално дело е двојна -  како архијереј се радувам што се појавува дело кое на сегашните и идните поколенија свештенослужители и проповедници ќе им служи како вреден прирачник при подготовките на хомилиите и беседите. Тие се душеполезни четива за сите жедни за духовна литература и во нив ќе најдат разјаснување на Божјото слово и ќе се запознаат со смислата на празниците и со житијата на светиите. Но, воедно, се радувам затоа што преку ова големо дело на отецот Ацо гледам како мој соученик од Богословијата ѝ го обзнанува на Црквата својот плоден труд, вредно собиран во речиси полувековното свое служење на нивата Господова, истакна г.г. Стефан.

Отецот Гиревски бил во првата генерација дипломирани на Богословскиот факултет во Скопје и својот работен век го поминал на оваа институција – неколку децении бил професор, а осум години декан. Како што рече г.г. Стефан, декан бил токму во периодот кога факултетот бил примен за придружна членка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.

-Тој во целиот свој досегашен, и професорски и проповеднички век, се покажа како добар и совесен професор и пастир кој умееше и да каже и да раскаже, и да опише и, еве, и да напише, рече архиепископот.

Покрај професорската дејност, додаде г.г. Стефан, отец Ацо не ја изостави пастирско-мисионерската служба и проповедал најчесто во манастирскиот храм „Св. Јован Крстител“ и во други скопски храмови, и во други градови во земјава, но и во светот.

-И во сите тие слова и прилики на нему својствен питом и елегантен начин, отецот повикува на живот според евангелието, на живот кој ќе ги донесе плодовите на духот, рече поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан кој на авторот на книгата му посака и во пензионерските денови да продолжи да богослужи и да проповеда „и она што ќе го говори да го запише, зашто само запишаното слово останува да трае“.

За стилот, јазикот и специфичноста на делото на Гиревски, како и за одликите на проповедничкото беседништво во православието, се осврна академик Катица Ќулавкова. За словата содржани во книгата рече дека „ги исцртуваат основните тематски рамки на неговото творештво“.

-Тоа вклучува проповеди, беседи, слова, свечени беседи, поучни, поздравни, промотивни слова и обраќања, но и огледи, рецензии, приказни, поговорки и други жанрови кои имаат допирни точки со книжевната дејност, рече промоторката Ќулавкова.

Авторот проф. д-р Ацо Александар Гиревски, за својата децениска дејност се осврна низ параболата од приказната за сејачот и семето, поместена во објавената книга, порачувајќи дека го жнееме тоа што го сееме.

-  Целиот мој работен век јас сеев. Го сеев словото Божјо и, еве, се родија плодови. Имам и други, но овие се моите најзрели плодови и тие ми донесоа најголема радост... Некој рекол дека минатото е сеење, а сегашноста и иднината жнеење. Во таа смисла, нашиот Константин Миладинов беше рекол: Јас го посеав семето, а вие бидете живи и здрави, ќе имате жетва. Јас ја сакам онаа народната и ја крстив старозаветна: Што ќе посееш, тоа ќе жнееш, рече авторот отец Гиревски.

Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Оливера Трајковска, на почетокот на настанот рече дека е почестена што ја отвора промоцијата на книга од нејзиниот некогашен професор на Богословскиот факултет.

-Духовното богатсво не гние и останува да трае вечно. Духовното богатство што проф. Гиревски денеска го остава во наследство ќе остане да сведочи гласно за битот, верата и духот на еден народ кое идните генерации треба да го сочуваат, рече Трајковска. хс/ев/ 

 

 Фото: МИА 

You May Also Like