• Friday, 17 April 2026

Пецаков: За десеттина дена почнува изградбата на катната гаража кај Градскиот пазар во Охрид

Пецаков: За десеттина дена почнува изградбата на катната гаража кај Градскиот пазар во Охрид

Охрид, 16 април 2026 (МИА) – Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денеска најави дека за десетина дена ќе започне изградбата на катната гаража во непосредна близна на Градскиот пазар, како и дека до почетокот на туристичката сезона ќе бидат заокружени градежните работи на реконструкцијата на Плоштадот кај Стариот чинар во центарот на градот.

- Изградбата на катната гаража беше врвен приоритет во сите овие изминати десетина години. За десетина дена започнува нејзината изградба. Големо олеснување со оглед на тоа што се работи за паркирање во самиот центар на градот, односно на десет метри од Старата чаршија. Имавме успешен тендер, така да започнува официјално изградбата на катната гаража во Охрид, рече Пецаков појаснувајќи пред медиумите дека со објектот  ќе стопанисува јавното претпријатие „Градски Пазар“.

Катната гаража ќе биде со капацитет за паркирање на околу двеста возила, во објект на пет нивоа.

Тој уште истакна дека продолжуваат градежните активности за реконструкција на просторот околу Стариот чинар, што предвидуваат целосно нов, модерен изглед на плоштадот „Крушевска Република”, ссо нова урбана опрема, канделабри, осветлување со лед светилки, фонтана, садници и клупи, канти за отпадоци.

- Тоа што за нас е битно е динамиката и рокот за изградба. Врз основа на она што го гледам на теренските активности и како се изведува, се очекува пред самиот почеток на туристичката сезона да имаме еден вид на нормализирање на ситуацијата и нормален пристап и на граѓаните, меѓутоа и на сите оние коишто сакаат да уживаат во Охрид, а тоа и беше наша цел како локална самоуправа. Реконструкцијата на плоштадот „Крушевска Република“ е со општински средства, односно самата општина го финансира овој проект, рече Пецаков.

За неговата реконструкција од страна на НУ „Завод и Музеј“ Охрид претходно беа спроведени археолошки истражувања во насока на утврдување дали и каков археолошки материјал има, а со цел добивање одобрение за градежни активности. Вредноста на проектот е 45 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Охрид. аб/са/

фото/МИА

You May Also Like