• Thursday, 26 December 2024

Не ја разбирам загриженоста дека сеопфатните реформи во правосудството може да се сфатат како притисок врз судството, вели Мицкоски

Не ја разбирам загриженоста дека сеопфатните реформи во правосудството може да се сфатат како притисок врз судството, вели Мицкоски

Скопје, 13 декември 2024 (МИА) - Најавената силна акција во правосудството вклучува сеопфатни реформи, мора да има систем кој ќе функционира, да има одговорност за судиите и обвинителите кои не ги исполнуваат етичките стандарди или се вклучуваат во коруптивни практики, вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Фактор“.

-Не ја разбирам загриженоста дека овие реформи може да се сфатат како притисок врз судството. Сепак, нашиот пристап е вкоренет во почитувањето на владеењето на правото и имаме за цел да ја зајакнеме независноста на судството, а не да ја компромитираме, нагласува Мицкоски.

Корупцијата, додава тој, е постојано прашање и значајна пречка за економскиот раст, довербата на јавноста и интеграцијата во ЕУ.

-Оваа Влада е посветена на директно справување со корупцијата, како преку системски реформи, така и преку решителна акција. Еден од првите чекори е зајакнување и деполитизирање на институциите. Ова вклучува обезбедување дека сите органи работат независно и нема повеќе лица кои ќе ја искористуваат својата моќ или позиција да нарачуваат пресуди и да конструираат случаи, истакнува Мицкоски.

Посочи дека зголемувањето на транспарентноста преку дигитализација на јавните услуги е клучен дел стратегијата на Владата.

-Со намалување на бирократската дискреција во процесите како што се јавните набавки ќе успееме да ги минимизираме можностите за корупција, а со сигурност да ги заборавиме постапките на склучување на договори во четири очи. За искоренување на корупцијата ќе биде потребно време, но нашата посветеност за градење поодговорен систем е непоколеблива. Ние имаме обврска да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани, додава Мицкоски во интервјуто. нд/дма/

Фото: МИА архива