• Thursday, 04 July 2024

Мултимедијален перформанс „Алхемија на дивината“ на Вевчанските извори

Мултимедијален перформанс „Алхемија на дивината“ на Вевчанските извори

Скопје, 26 јуни 2024 (МИА) – На Вевчанските извори денеска и утре ќе се одржи мултимедијален, локациски специфичен перформанс насловен „Алхемија на дивината“.

Премиерата на перформансот ќе биде вечер од 19 часот, а втората и третата изведба ќе бидат утре од 12 и 19 часот.

„Алхемија на дивината“ е мултимедијален и локациски специфичен перфоманс, кој ќе ги трансформира патеките на живописното Вевчани и Вевчанските извори. 

Ова уникатно искуство е дело на заеднички процес кој ги спојува талентите на уметници-изведувачи од различни уметнички области. 

- Изведбата ја доловува суштината на животните трансформации, набљудувајќи го ритуалот на промена од најмалата клетка до најдалечните ѕвезди. Преку волшебните приказни, хипнотизирачкиот танц, евокативната музика и шепотењата на распеаните дрвја, ќе бидете обвиени во сетилно искуство како никогаш досега, стои во соопштението за настанот.

Уметници – ментори се Алесандро Ола, Јелена Вуксанович, Атила Антал, Вишња Жугич и Јасмина Билаловиќ. Додека изведувачки уметници се Риџет Ферати, Надја Лукановска, Симона Димковска, Јасмина Василева, Ива Дамјановски, Тереза Лазарев, Теодора Ежовска, Виктор Танасковски, Кристијан Караџовски и Маја Стајнберг.

Изведбата е дел од проектот „СИОТ СВЕТ Е СЦЕНА-имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици” на Здружението на уметници Културен центар „Медиа Артес“, Охрид. ар/лв/

Фото:Културен центар „Медиа Артес“