• Thursday, 30 January 2025

Комеморативна седница за уметникот Коле Манев

Комеморативна седница за уметникот Коле Манев

Скопје, 30 јануари 2025 (МИА) - Друштвото на ликовни уметници на Македонија денеска организира комеморативна седница за уметникот Коле Манев (1941-2025), член и поранешен претседател на ДЛУМ. Комеморативната седница ќе се одржи во Националната галерија Даут-пашин амам, со почеток во 12 часот.

Манев почина на 22 јануари годинава. Беше познат македонски сликар и филмски работник од областа на документаристиката.

Роден е 1941 година во село Бапчор, во Егејскиот дел на Македонија, кое е бомбардирано за време на Граѓанската војна во Грција во 1948 година. Заедно со постариот брат Стасе и постарата сестра Елисавета, завршува во Романија, во прифатните домови во Арад, Синаја, Орадеа и Тулгеш, во романските Карпати.

Токму името на овој последен дом – Тулгеш ќе послужи како инспирација за неговото најзначајно, врвно дело во филмската кариера – документарниот филм „Тулгеш“. Во Романија останува осум години. Во 1955 година, со посредство на меѓународниот Црвен крст се враќа во Скопје, каде повторно се среќава со мајката и двете сестри, а токму тие трогателни средби во кои родителите по многу години се среќаваат со своите деца ќе бидат подоцна  опишани во неговиот документарен филм „Тулгеш“.

Во Скопје го завршува Средното уметничко училиште, а потоа е примен на Ликовната академија во Белград, но по завршувањето на првиот степен се враќа во Скопје, а во 1965 година, веднаш по основањето на Телевизија Скопје, почнува да соработува со неа. Во таа прва етапа на телевизиското творештво кај нас, Манев е ангажиран како режисер на анимирани и документарни емисии, а како млад ликовен уметник, рачно ги исцртува сите шпици за документарните емисии што се снимаат во Радио-телевизија Скопје.

Потоа заминува во Париз, каде работи како слободен уметник и ја оформува својата сликарска кариера.

Во 1972 година, кога од Париз повторно се враќа во Македонија, во Радио-телевизија Скопје, со писателот Јован Павловски реализираат серија репортажи од поголемите европски градови. Потоа го реализира ТВ-филмот „Екофагос“. Во истиот период, го реализира документарниот филм „Баскарските извори“ филм со кој, всушност, ја почнува обработката на темата за Егејска Македонија. Овој филм е награден со прва награда на реномираниот ТВ фестивал во Блед, Словенија и тоа му ги отвора вратите на Коле Манев, така што тој добива стипендија за едномесечен престој во Прага, во тогашна Чехословачка, во студијата во Барандов, прочуените филмски студија во Прага, каде што се запознава со работата на студијата за анимиран филм. Таму има можност да види оригинални архивски снимки од егзодусот на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција од 1948 година што го инспирира и по враќањето во Скопје, во 1976 година, до „Вардар филм“ поднесува сопствено сценарио за реализација на документарниот филм „Тулгеш“.

Во 1980 година за Телевизија Скопје, со сопствена камера, како снимател, сценарист и режисер, во зимски амбиент го реализира документарниот филм „Пост“, инспириран од еден интересен лик од живописното Лазарополе, сместено високо на планината Бистра. Во 1982 година заминува во Австралија каде што реализира три документарни емисии за македонските иселеници за потребите на Телевизија Скопје. Во 1984 година го реализира краткометражниот документарно-игран филм „Црно во црно“, повторно на егејска тема. Во 2003 година го реализира својот прв и единствен долгометражен игран ТВ-филм „Мост“, а во 2020 година, во време на корона-кризата го снима и режира своето последно остварување, краткометражниот игран филм „Екоспкоп“, интересна филмска приказна за уличен собирач на картони чија активност ја следи низ четирите годишни времиња.

Манев реализира и обемна книжевна и публицистичка дејност. Повеќе од дваесет години редовно објавува колумни во македонските дневни и неделни списанија и весници, во кои ги коментира актуелните настани. Овие негови колумни редовно се придружени со цртеж што ја обработува темата на колумната.

Со неговото заминување од животната сцена, македонската култура, велат од ДЛУМ, останува посиромашна за еден голем човек и извонреден уметник. дма/бак/

Фото: ДЛУМ