• Saturday, 04 April 2026

Научници и дизајнери од Амстердам, претставија торба направена од кожа од Ти-рекс добиена по вештачки пат

Научници и дизајнери од Амстердам, претставија торба направена од кожа од Ти-рекс добиена по вештачки пат

Амстердам, 3 април 2026 (МИА) - Научници и дизајнери од Амстердам, вчера претставија торба направена од кожа добиена по вештачки пат, односно од колаген извлечен од фосили на тирaносаурус (Ти-рекс). Проектот има за цел да ги прикаже можностите на лабораториски одгледуваната кожа и нејзината потенцијална примена во модната индустрија.

Торбата, во тиркизна боја, е изработена од материјал кој бил развиен од фрагменти на древни протеини издвоени од остатоците на диносаурусот. Таа ќе биде изложена во музејот Арт Зоо  во Амстердам до 11 мај, по што ќе биде понудена на аукција со почетна цена поголема од 500.000 долари.

Истражувачите објаснуваат дека процесот на изработка вклучувал внесување на изолирани протеински фрагменти во клетки на животно, со што бил произведен колаген кој потоа бил претворен во кожа. Според извршниот директор на компанијата Органоид (Organoid), Томас Мичел, проектот се соочил со бројни технички предизвици и барал иновативни решенија за да се добие функционален материјал.

Директорот на компанијата „Lab-Grown Leather Ltd“, Че Конон, која учествувала во производството, истакна дека потеклото од тирaнозавр додава дополнителна вредност на производот. Тој нагласи дека лабораториски одгледуваната кожа претставува не само еколошки избор на традиционалната кожа, туку и значителен технолошки напредок во развојот на нови материјали.

Сепак, проектот предизвика и критики од дел од научната заедница. Палеонтологот Мелани Дуринг од Универзитетот во Амстердам наведува дека колагенот во коските на диносаурусите опстојува само во делови кои не се доволни за реконструкција на кожата. Таа предупредува дека користењето на терминот „кожа на ти-рекс“ може да создаде погрешни претстави кај јавноста. Американскиот палеонтолог Томас Холц од Универзитетот во Мериленд се надоврзува велејќи дека идентификуваниот колаген потекнува од коските, а не од кожата на диносаурусот, и дека му недостасува структурата на влакна која е карактеристична за животинската кожа. Одговарајќи на критиките, Томас Мичел додаде дека дебатата е составен дел од научниот процес и дека проектот има за цел да се истражат нови можности и иновации во областа на лабораториски одгледуваната кожа. мв/мс/

Фото: Фејсбук/Принтскрин Јутјуб