• Saturday, 14 March 2026

Мицкоски: Трагедијата во Кочани стави и друга трага - трага на солидарност, хероите никогаш нема да бидат заборавени

Мицкоски: Трагедијата во Кочани стави и друга трага - трага на солидарност, хероите никогаш нема да бидат заборавени

Скопје, 14 март 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски, говорејќи на обраќањето на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, истакна дека трагедијата во Кочани, освен неизбришливата болка и трага која ја остави во колективната меморија, во исто време остави и друга трага - трага на солидарност и кажа дека хероите никогаш нема да бидат заборавени.

- Херојството денес не е само во пушка и кама, не е во мускулите и силата, туку во активизмот и подадената рака. Кочани покажа дека има луѓе кои се тивките херои на нашата земја. Тоа се болничарите и докторите кои работеа, брзата помош, техничкиот персонал. Вo најтешките моменти, граѓаните покажаа дека општеството има сила да се обедини. Крводарителските центри беа исполнети со луѓе кои дојдоа да помогнат. Волонтери се јавуваа за поддршка на семејствата.  Хуманитарните организации се мобилизираа.  Лекарите и медицинските тимови работеа без прекин, со огромна посветеност и професионалност. Сакам од срце да ви честитам. Вам и на секој кој беше вклучен во оваа операција. Дома и во странство. Никогаш нема да бидете заборавени, рече Мицкоски.

Премиерот рече дека трагедијата ја отвори и страната на човечноста, солидарноста и чувството дека никој не смее да остане сам во најтешките моменти.

- Добивме и силна меѓународна поддршка. Партнерските држави и нивните здравствени системи веднаш ја понудија својата помош. Болници, лекари и медицински тимови од повеќе европски земји ги отворија своите врати за нашите пациенти.  Тоа беше силен потсетник дека во најтешките моменти, човечката солидарност ги надминува границите. Една година подоцна, ова сеќавање останува жива обврска. Обврска да се почитува споменот на жртвите.  Обврска да се поддржат семејствата.  Обврска да се продолжи борбата за закрепнување на повредените. И обврска трагедијата да се претвори во поука од која ќе произлезат посилни институции и побезбедно општество, рече премиерот во обраќањето на конференцијата. 

Премиерот кажа дека во часовите по трагедијата, државата се соочи со ситуација во која секоја минута беше драгоцена и оти во такви моменти нема простор за импровизација и секој систем, секоја институција и секој човек кој има јавна одговорност мора да реагира брзо, координирано и одлучно.

- Првите часови по трагедијата беа часови на интензивна мобилизација. Активирани беа здравствените институции, службите за итна медицинска помош, полицијата, противпожарните единици, службите за цивилна заштита и локалните институции.  Во тие моменти најважната цел беше една - спасување на животите на повредените и обезбедување најбрза можна медицинска помош. Пациентите од Кочани и од Штип беа транспортирани во здравствените установи во Скопје, каде што веднаш беа активирани најважните клинички капацитети на државата.  Во тие часови тие не работеа само како здравствени работници. Тие работеа како луѓе кои знаат дека зад секој пациент стои семејство, стои животна приказна и стои надеж. Но многу брзо стана јасно дека дел од пациентите имаат тешки изгореници и комплексни повреди кои бараат третман во специјализирани центри за изгореници, рече Мицкоски.  

Премиерот посочи дека во тие денови, лекарите, медицинските сестри и здравствените тимови покажале нешто што не се мери со протоколи и процедури – покажаа човечност, пожртвуваност и професионална храброст и оти во такви ситуации, ниту една држава не може сама да ги носи сите медицински предизвици, туку е потребна е меѓународна солидарност.

-Токму затоа веднаш беа активирани механизмите за меѓународна медицинска соработка.  Преку европските механизми за цивилна заштита и преку директна координација со партнерските држави беше организиран транспорт на дел од пациентите во специјализирани болници во странство. Болници во повеќе европски држави ги отворија своите врати за нашите пациенти. Лекарите во тие центри, заедно со нашите медицински тимови, водеа сложена и долготрајна борба за животот и здравјето на повредените. Во тие денови видовме како функционира европската солидарност во пракса.  Видовме дека во моменти на трагедија, државите и здравствените системи знаат да соработуваат, да ги споделуваат своите ресурси и да ги стават човечките животи на прво место. Истовремено, државата се погрижи и за логистичката поддршка на целиот процес. Организирани беа специјализирани медицински транспорти, обезбедени беа услови за комуникација и координација меѓу болниците, а институциите работеа непрекинато за да се обезбеди непречен тек на медицинските процедури, потсети Мицкоски.

Тој нагласи дека трагедијата во Кочани не може да се избрише од нашата колективна меморија. - Но, начинот на кој државата одговара на вакви трагедии покажува какво општество сакаме да бидеме. Општество кое не ги заборава своите луѓе. Општество кое знае дека солидарноста не е збор, туку обврска и држава која стои покрај своите граѓани и кога е најтешко. А ние ќе продолжиме да ја исполнуваме таа обврска, рече премиерот Мицкоски. нд/паг/

Фото: МИА

 

You May Also Like