Алиу: Македонија не ја заборава пожртвуваноста на здравствените работници и подадената рака од пријателските земји
- Една година по големата трагедија во Кочани, здравствениот систем продолжува да ги сумира поуките, искуствата и системските предизвици, порача министерот за здравство Азир Алиу на Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани - една година потоа“.
- Post By Борис Куноски
- 11:00, 14 March, 2026
Скопје, 14 март 2026 (МИА) - Една година по големата трагедија во Кочани, здравствениот систем продолжува да ги сумира поуките, искуствата и системските предизвици, порача министерот за здравство Азир Алиу на Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани - една година потоа“.
Алиу се осврна на реакцијата на здравствените служби во првите критични часови, третманот и рехабилитацијата на повредените и упати посебна благодарност до повеќе од 400 здравствени работници од јавниот и приватниот сектор, кои, како што рече, со исклучителна пожртвуваност, концентрација и професионализам извршиле надчовечки напори да спасат животи.
-Вашата професионалност, солидарност и хуманост ќе останат длабоко запаметени. Во мигови кога секоја минута значеше надеж, вие бевте вистински партнери во борбата за секој човечки живот, нагласи Алиу.
Голем број тешко повредени пациенти во првите денови биле транспортирани во странство. Алиу изрази благодарност и до медицинските тимови во европските здравствени центри, оценувајќи дека меѓународната солидарност потврдила дека стручноста и хуманоста немаат граници кога се спасуваат човечки животи.
Министерот нагласи дека заедничката координација на главниот кризен штаб, како и на штабовите во Министерството за надворешни работи и Министерството за внатрешни работи, овозможила ефикасна и брза реакција. Благодарение на воспоставената интероперабилност, 115 пациенти биле безбедно упатени на лекување во европски клиники.
-Во услови кога секоја одлука мораше да биде брза и прецизна, затоа што беше од животно значење, институциите делуваа усогласено и одговорно, додаде тој.
Алиу посочи и на долгорочните последици од трагедијата во Кочани, истакнувајќи дека покрај физичките повреди, силни психолошки траги остануваат кај повредените, нивните семејства, но и во заедницата. Затоа, психолошката и психо-социјалната поддршка била третирана како составен дел од здравствениот одговор.
Според него, искуството открило и потреба за дополнително јакнење на капацитетите во третманот на тешки изгореници, масовни несреќи и долготрајна рехабилитација. Во заклучок, министерот подвлече дека најголемата обврска кон жртвите и повредените е континуирано унапредување на здравствениот систем. бк/нд/
Фото: МИА