Мицкоски пред УМС на ВМРО-ДПМНЕ: Време е да создадеме општество во кое сите млади ќе може да напредуваат
- Младите не се само иднина на Македонија туку и нејзина сегашност. Тие мора да бидат вклучени во процесите на одлучување, во борбата за подобра иднина и во создавањето нови решенија. Не сме тука да констатираме проблеми, туку да нудиме решенија. Затоа и предвидуваме низа мерки за подобрено образование, пристап до технологија и поддршка на бизнис-идеите и проектите иницирани токму од младите.
Охрид, 6 октомври 2024 (МИА) – Младите не се само иднина на Македонија туку и нејзина сегашност. Тие мора да бидат вклучени во процесите на одлучување, во борбата за подобра иднина и во создавањето нови решенија. Како претседател на Владата, како сопруг и татко на две деца, ја чувстувам одговорноста да создадам подобра иднина за младите. Не сме тука да констатираме проблеми, туку да нудиме решенија. Затоа и предвидуваме низа мерки за подобрено образование, пристап до технологија и поддршка на бизнис-идеите и проектите иницирани токму од младите.
Тоа го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во обраќањето пред учесниците на 33-та годишна конференција на Унијата на млади сили на партијата насловена „Иднина за сите, сега!„ што денеска се одржа во Охрид.
Мицкоски посочи дека време е за конкретни промени, да се работи на за подобра иднина, за создавање општество во кое сите млади ќе можат да напредуваат. Како што истакна, младите се сила, иднина и нашата надеж, но, сето тоа е бесполезно доколку не им создадеме услови за да делуваат, да учат, создаваат, алатки за да стекнуваат вештини. Затоа најави нови серија мерки за поддршка на младите...
- Владата со новиот буџет што е во изработка ќе обезбеди ваучери од по 250 евра за електронски уреди, за сите студенти во Македонија. Така поттикнуваме младите да имаат пристап до електронски уреди и да го имаат светот на дланка, да учат и да се надградуваат како личности...Владата ќе обезбеди и фонд од десет милиони евра за развој на бизнисот на млади од 18 до 29 години. Во зависност од бизнис-планот, комисија под строги критериуми ќе издовјува средства и ќе ја одредува висината на помошта, во вредност од илјада до 30 илјади евра за проект, рече Мицкоски, повикувајќи ги младите да останат тука, за помогнат за заеднички да се гради нејзината иднина.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред младите сопартијци истакна дека тоа е само почеток, дека нема повеќе време за изговори и за плукање по минатото дека, како што посочи „сега е времето да направиме нешто добро за државата“...
- Сите ние оваа генерација сме биле млади и сме се соочувале со проблеми и предизвици барајќи надеж, и не сме заборавиле од каде сме дошле и за што сме мечтаеле. Ние секако сме се промениле, промените се составен де од растењето на една личност, од созревањето, но нашите идеали, мечти и соништа останале исти. Да живееме во држава која заслужува да се нарече држава, а не во паланка која се храни од безредие, корупција, тоне во неморал и безизлез. Ајде, ајде сите заедно да ги направиме заедничките идеали и соништа реалност. Сега, а не понатаму. Ајде да се обидеме и дури и да не успееме целосно, да знаеме дека сме се обиделе, дека сме се бореле, со нашата борба да бидеме пример и светла точка на оваа генерација, но и светилник на надежта на идната. Ајде заедно со вас, да се обидеме да ја промениме суровата реалност. Доста беа разочарувања. Доста беше омраза и поделби, доста беше живот неживот. Ајде со вас, заедно со Македонија да живееме! Да создаваме, да работиме, да креираме иднина, работни места, да ја однесеме татковината во едно ново поглавје на развојот, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Свое обраќање пред сопартијците имаше и претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов, кој од своја страна истакна дека на младите им е доста од демагогија и празни ветувања за иднината, од охрабрувачки пораки дека времето на младите некогаш ќе дојде, пораки скроени од оние кои се плашеле од енергијата на младите од нивната решителност и одлучност да создаде подобро утре.
- Токму во таа насока е и слоганот на оваа 33-та годишна конференција – Иднина за сите, иднина СЕГА! Токму тоа е она што го прави ВМРО-ДПМНЕ поинакво од сите политички гарнитури во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија која ја препозна енергијата и потенцијалите на младите луѓе и од првиот ден кога влеговме во битката за враќање на државата во свои раце, најголемиот товар и клучната улога беше доверена на нас младите. Уште од првиот ден од освојувањето на власта, фокусот на новите политики беше ставен на младите – подобрување на условите во студентските домови и на факултетите, грижа за младите лекари и специјализанти, создавање услови за целосна реализација на потенцијалите на младите претприемачи, професионалци, научници, како и ред други мерки кои се креираат во насока на подобрување на нашето секојдневие, рече Попов.
Говорејќи за програмата за младите, Попов посочи дека истата предвидува подобра иднина за сите преку создавање на систем и услови кои ќе го вреднуваат сечиј труд, загарантирани работни места во државните институции за 500-те најдобри студенти во генерацијата, можности за работа со скратено време за студентите без притоа да го изгубат статусот на редовни студенти, отворање десетици илјади нови работни места, можности за доквалификација и стекнување нови вештини за подобра позиција на пазарот на труд, инвестиции во ИТ секторот, вештачката интелигенција и ред други програми за започнување сопствен бизнис...Потоа поддршка за младите земјоделци, лекари, инженери, научници и работници. Поддршка за сите млади кои иднината ја гледаат во Македонија преку проекти за олеснување на процесот за почнување семејство и обезбедување сопствен дом.
- Работиме на враќање и подобрување на иницијативата „Купи куќа за млади“, со која настојуваме од младите луѓе да направиме силни и независни поединци кои самостојно ќе се борат за подобро утре. Работиме на многу други иницијативи и проекти кои ќе ја запишат оваа нова генерација на политичари во историјата како пример за тоа како се работи и како се сака својата татковина и својот народ, рече тој. аб/дма/
фото: МИА