• Tuesday, 18 March 2025

Министерство за здравство: Внимателно се следи состојбата на пациентите повредени во пожарот во Кочани

Министерство за здравство: Внимателно се следи состојбата на пациентите повредени во пожарот во Кочани

Скопје, 17 март 2025 (МИА) - Министерството за здравство вечерва соопшти дека медицинските тимови на здравствените установи и денеска се целосно ангажирани во обезбедување соодветна медицинска нега за сите пациенти од пожарот во Кочани. Состојбата на пациентите се следи внимателно, а понатамошните медицински постапки се спроведуваат врз основа на конзилијарни одлуки, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.

Во текот на денешниот ден, пациентите се распределени по здравствените установи низ земјата, и тоа:

Клинички центар – 52 пациенти
ГОБ „8 Септември“ – 17 пациенти
Универзитетска клиника „Св. Наум Охридски“ – 12 пациенти
Клиника за токсикологија – 10 пациенти
Аџибадем Систина – 7 пациенти

Покрај обезбедувањето медицинска нега во земјата, дел од пациентите се транспортирани во здравствени установи во странство, благодарение на меѓународната поддршка и соработката со партнерските земји:

Литванија – 4 пациенти
Австрија – 2 пациенти
Словенија – 2 пациенти
Република Србија – 12 пациенти
Република Бугарија – 1 пациент

Во текот на ноќта и утрешниот ден се очекува медицински транспорт од Австрија, Грција и Хрватска, со авиони и хеликоптери за натамошен трансфер на пациенти.

Министерството за здравство информира дека сите пациенти кои се префрлени во странство се во стабилна состојба и под континуирана медицинска нега.

Дополнително, во соработка со ЈЗУ Психијатриска болница-Скопје и Клиниката за психијатрија се формирани мобилни тимови составени од психијатри и психолози, кои обезбедуваат психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства.

За сите кои имаат потреба од психолошко советување или помош, достапна е телефонската линија 078 378 754, каде што стручни лица обезбедуваат поддршка.

Министерството за здравство, како што се наведува во соопштението, останува во постојана комуникација со сите надлежни институции и меѓународни партнери за натамошна координација и поддршка. ев/

ФОТО: Архива