• Friday, 10 January 2025

Меџити: Да се спречат причините, наместо последиците за помалку аерозагадување

Меџити: Да се спречат причините, наместо последиците за помалку аерозагадување

Тетово, 9 јануари 2025 (МИА) - Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити од Тетово порача дека иако се работи согласно акцискиот план со краткорочни мерки против загадувањето, уште повеќе општеството треба да се занимава со подолгорочниот пристап, односно да се спречат причините, наместо последиците.

Според него, промената на начинот на греење е фокусот на подолгорочните мерки.

- Домаќинствата и индустриите во зимскиот период користат секакви средства за греење. Затоа преку зима има проблеми, а нема преку лето. Главна иницијатива ќе биде веднаш, во најскоро време да почнеме постапка за секундарна гасификација на цела Македонија, а посебно на урбаните средини. Воедно ќе се градат и гасни централи кои ќе помогнат на граѓаните да им понудиме алтернатива гасификација и топлинска енергија, а ќе продолжиме и со проектите како што се набавка на инвертери, такси со електрични возила и слично, изјави Меџити. 

Тој посочи дека има препорака општините да формираат општинска полиција чиј главен фокус ќе биде екологија.

На прашањето до тетовскиот градоначалник  Биљал Касами, дали за намалување на аерозагадување согласно акцискиот план за краткорочни мерки тие се преземаат, тој одговори дека општинската инспекција секојдневно ги казнува несовесните фирми и домаќинства кои користат несоодветни начини на нивните домови и фабрики.

Според Касами, секојдневно се постапува и по мерките и од Министерството за животна средина и просторно планирање и на општинската стратегија за подобра животна средина. ас/цр

Фото: МИА 

You May Also Like