• Friday, 10 January 2025

Дебата за аерозагадувањето: Институциите си префрлаат одговорност, битката за чист воздух бара инвестиции и години работа

Дебата за аерозагадувањето: Институциите си префрлаат одговорност, битката за чист воздух бара инвестиции и години работа

Скопје, 9 јануари 2025 (МИА) - Институциите си ја префрлаат одговорноста за справување со загадувањето на воздухот во Скопје, недостига и комуникација меѓу државата, општините и граѓаните, смета Јане Димески, екоактивист и советник од „Шанса за Центар“ во Општина Центар.

Во емисијата „Вин-Вин“ на ТВ Телма вечерва тој рече дека трета година не добиваат пари од Општина Центар да се спроведе попис на што се греат домаќинствата во оваа општина. 

-Недостасува комуникација меѓу државата, општините и граѓаните. Нас особено нè иритираше периодов префрлањето одговорност. Секој во оваа приказна има што да сработи. Кога видовме колку општините во Скопје имаат сопствени објекти коишто им се на нафта, а потоа кога ќе ги прашаат што правите за загадувањето, велат - тоа градот, а градот вели – министерството. А, всушност, секој има што да прави. Jа туркаме трета година активноста за попис на домаќинствата на што се греат во општина Центар. Тој попис трета година ни стои во програмата за животна средина, а општината не сака да даде пари да се спроведе тој попис, рече Димески. 

Даме Димитровски, советник на премиерот за животна средина и клима, рече дека се потребни десет години работа, проекти и инвестиции и дека сега ќе имало исчекори во битката со аерозагадувањето ако таа почнела  пред една деценија.

-И претходните влади зборувале, но потребно е 10 години работење, проекти, вложување, инвестиции и жртва на други места за да може да ја работиме оваа зелена агенда или да работиме на квалитетот на воздухот. Не е дека сме специфичен случај во светот. Лондон својата битка ја води 100 години и се гордее што ја води толку долго, Пекинг пред 10 години ја започна својата битка и го намали загадувањето за 35 проценти, притоа вложи огромни средства, ги вклучи сите системи во државата, да не зборувам за Лос Анџелес, за Мексико Сити, за Њу Делхи. Јас сум сигурен дека ако пред 10 години сме ја започнале оваа битка, сега ќе се наоѓавме на трети или четврти чекор од оваа битка. Сега сме на почеток, но се надевам дека ќе видиме сега посветеност и работа и во иднина ќе видиме резултати, рече Димитровски. 

Додаде дека многу од загадувачите наоѓаат оправдание затоа што системот во моментот е така поставен и комплициран. Посочи истражувања кои укажуваат дека најголем загадувач е согорувањето на цврсти горива во домаќинствата.

Според Димитровски, невладините и јавноста треба да ги искористат своите механизми за да можат да направат притисок да го добијат правото за чиста здрава средина и чист воздух. 

-Да идентификуваме кој вистински загадува и да ја најдеме својата улога и да дадеме свој придонес. Во изминатите години се направени многу студии и од каде доаѓа загадувањето, односно од каде доаѓаат ПМ-честичките. Од истражувањата УНДП, Светска банка, Финската студија укажуваат дека најголем загадувач е согорувањето на цврсти горива во домаќинствата. И тоа е големиот слон во оваа стакларница со кој треба да се бориме, рече Димитровски. хс/ев/

Фото: принтскрин