• Sunday, 09 March 2025

МВР блитен (ДПЛ)

МВР блитен (ДПЛ)

Скопје, 8 март 2025 (МИА) - Во Полициската станица Чаир вчера во 19.00 часот било пријавено дека дента околу 14.30 часот на подрачјето на Аеродром, 39-годишна жена заедно со две малолетни деца биле исфрлени од возило управувано од нејзиниот вонбрачен партнер Ф.Ф. (24 ) од село Радуша. При укажување на лекарска помош во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ констатирани се тешки телесни повреди како кај 39 годишната жена така и кај нејзините две малолетни деца, кои што според кажувањето на мајката биле предизвикани од Ф.Ф. кој што во изминатите три дена во куќа во селото Визбегово ги тепал со тврд предмет неа и нејзините две деца. Постапувајќи по пријавата полициски службеници го лишиле од слобода Ф.Ф., како и неговиот татко И.Ф (68) кој што во текот на полициското службено постапување со секира ги нападнал полициските службеници. По целосно документирање на случајот ќе следат соодветни пријави.

Т.Р. од Скопје вчера во 13.30 часот во СВР Скопје пријавил дека на подрачјето на општина Аеродром, настанал пожар во подрумски простории од станбена зграда. Повредени лица нема. Од екипа на Бригадата за против пожарна заштита пожарот бил изгаснат.  Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, при што било констатирано дека пожарот настанал при заварување од страна на М.Р. во подрумски простории во кои што се чувале канти со нафта.  

Од Јавната установа Карпош - Детски дом „11 - ти Октомври“ вчера во 09.30 часот во Полициската станица Карпош било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник Х.С.(16) кој и претходно се оддалечувал и бил враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Д.И.(59) од Скопје вчера во 20.40 часот во СВР Скопје пријавил дека истиот ден, околу 17.30 часот во продажно место на подрачјето на Кисела Вода бил физички нападнат од Љ.Ј., кој при нападот употребил тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Полициски службеници од СВР Скопје утринава во 01.40 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, го привеле Н.С.(26) од село Волково, скопско, по претходна пријава од Д.Н.(45) од Скопје дека околу 01.30 часот во ходник од станбена зграда на подрачјето на Карпош,  физички го нападнал неговиот 17-годишен син. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Полициски службеници од ОВР Прилеп вчера во 21.50 часот на улицата „Ристе Секирчанец“ во Прилеп го лишиле од слобода С.Џ.(40) од Прилеп бидејќи бил затекнат со предмети  од  извршена тешка кражба од куќа. С.Џ. бил приведен во полициска станица Прилеп, а украдените предмети биле вратени на сопственикот. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветна пријава.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Е.Ќ.(54), Б.Ќ.(33) и К.Б.(39), сите од струшкото село Велешта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Насилство“. Тие, во угостителски објект во Струга, физички а потоа и со дрвен и метален предмет, го нападнале И.И.(39) од селото Радолишта нанесувајќи му тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Струга.

Полициски службеници од Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Велес вчера во 23.20 часот во селото Горно Оризари, велешко,  го лишиле од слобода С.К.(47) од село Горно Оризари, велешко, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени задачи. С.К. бил приведен во полициска станица, известен бил ЈО и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Полициски службеници од СВР Тетово утрово  во 02.10 часот извршиле акциска контрола во угостителски објект на локација на автопатот Тетово - Гостивар. При акцијата, поради злоупотреба на туристички престој, односно престојување спротивно на целта, биле приведени четири странски државјанки, и тоа  две од Република Албанија, една од Косово и една од Молдавија  кои биле на возраст од 26 до 31 година. Лицата се задржани во полициска станица за понатамошна постапка.

Вчера во 23.20 часот 38 годишна жителка од Гостивар пријавила во ОВР Гостивар дека во период од 03.03 до 03.06.2025 година нејзиниот вонбрачен сопруг С.А. од Гостивар, полово ја вознемирувал и допирал нејзината малолетна ќерка којашто се уште не наполнила 15 години. Според пријавителката додека вербално се расправила со С.А истиот и физички ја нападнал. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.

Полициски службеници постапувајќи по претходна пријава од 33 годишна девојка од Тетово синоќа во 00.40  часот во Тетово го лишиле од слобода Ф.Б.(33) од село Стримница, тетовско, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело по чл.144 ст.1 од КЗ на РСМ. Според пријавителката Ф.Б. претходниот ден околу 23.50 часот дошол пред домот на пријавителката каде што кон неа и кон нејзиното семејство упатувал закани по живот. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Полициски службеници од СВР Струмица - ОВР Валандово вчера во 17.00 часот во село Јосифово, општина Валандово, го лишиле од слобода А.М.(41) од село Јосифово, затоа што А.М. по претходна физичка пресметка со лицето Р.М. од истото село, со остар предмет му нанел убодна рана на Р.М. во пределот на потколеницата. За настанот бил запознаен надлежен ЈО од ОЈО Гевгелија, а по документирање на случајот против А.М. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Полициски службеници од ОВР Кочани синоќа во 00.40 часот во Кочани го лишиле од слобода Ј.И. (56) од  Кочани, по пријава од неговиот 79-годишен татко, дека претходниот ден околу 23.30 часот во семејниот дом упатувал закани по живот кон своите родители, а притоа оштетил дел од инвентарот. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.вј/

Фото: МИА архива