• Saturday, 15 March 2025

Марк Карни стана првиот нов канадски премиер по девет години

Марк Карни стана првиот нов канадски премиер по девет години

Отава, 14 март 2025 (МИА) - Марк Карни, економист и политички „новајлија“, положи заклетва како нов премиер на Канада, ветувајќи дека земјата „никогаш“ нема да стане дел од САД.

Тој официјално ја презеде функцијата денеска, само неколку дена откако беше избран за лидер на владејачката Либерална партија, во време на трговска војна со американскиот претседател Доналд Трамп.

- Знаеме дека со заедничка работа можеме да изградиме повеќе отколку што некој би можел да ни одземе, изјави Карни по свечената церемонија на заклетва.

Карни го заменува досегашниот премиер Џастин Трудо, кој беше на функцијата девет години, откако извојува убедлива победа на партиските избори за нов лидер на Либералната партија минатата недела.

Свечената заклетва на Карни, кој станува 24-тиот премиер на Канада, ја водеше генералната гувернерка Мери Сајмон.

Одговор на „предлогот“ на Трамп за Канада како 51-ва држава

На новинарско прашање за коментарите на Трамп дека Канада би можела да стане „51-ва американска држава“, Карни категорично одговори: Никогаш, во ниту една форма, нема да бидеме дел од САД.

- Ние сме фундаментално различна земја, рече тој, нарекувајќи ја самата идеја „лудост“.

Неизвесност околу датумот за нови избори

Карни не откри дали ќе ги распише предвремените федерални избори, кои сега се закажани за октомври, но најави дека ќе бара „цврст мандат што ќе одговара на времето“.

На изборите, тој ќе се претстави како најдобрата опција за справување со трговската војна што Трамп ја започна по неговото враќање во Белата куќа.

Карни претходно беше гувернер на Централната банка на Канада, како и гувернер на Банката на Англија, и помогна на двете земји да ја стабилизираат својата економија за време на финансиските кризи.

Како прв канадски премиер кој никогаш не бил избран за пратеник, Карни ќе мора да се кандидира за место во парламентот кога ќе бидат распишани изборите.

Први дипломатски потези

Новиот премиер најави дека следната недела ќе патува во Обединетото Кралство и Франција, што ќе бидат неговите први официјални посети во странство.

- Се радувам и на разговор со претседателот Трамп, изјави тој, додавајќи: Ги почитуваме Соединетите Американски Држави. Го почитуваме претседателот Трамп. Тој стави некои многу важни теми на врвот на својата агенда.

Трговска војна и економски ризици

Политичката сцена во Канада во изминатите месеци беше доминирана од трговскиот конфликт што Трамп го иницираше по преземањето на функцијата во јануари, пишува Би-Би-Си.

Карни вети дека ќе ги задржи канадските реципрочни царини за одредени американски производи сè додека Трамп одржува 25 отсто тарифи на канадските стоки што не се опфатени со Договорот за слободна трговија меѓу Канада, САД и Мексико (CUSMA).

Канада е високо зависна од трговијата со САД, а економистите предупредуваат дека канадската економија може да западне во рецесија ако сите планирани американски тарифи стапат во сила, посочува британскиот медиум.

Политичка битка со опозицијата

Главен политички ривал на Карни ќе биде лидерот на Конзервативната партија, Пјер Полијевр.

Пред најавата за нови американски тарифи, Конзервативците имаа предност од 20 процентни поени во некои анкети. Но, сега анкетите покажуваат многу потесна трка.

- Ќе добиеме исти либерални резултати како и досега, изјави Полијевр, критикувајќи го Карни и неговата партија дека за девет години не успеале да ги решат економските проблеми и кризата со животните трошоци.

Полијевр најави дека ако стане премиер, ќе се спротивстави директно на Трамп, ќе воведе контрамерки и „ќе ја врати контролата“.

Либералите ќе се соочат не само со Конзервативците, кои имаат 120 пратенички места во Долниот дом на парламентот, туку и со Блок Квебек, кој има 33 пратеници, и Новата демократска партија (НДП) со 24 места.

Состав на новата влада

Неколку членови од претходниот кабинет на Трудо остануваат на функција, особено министрите кои директно работеле со администрацијата на Трамп во последните месеци: Мелани Жоли, која останува министерка за надворешни работи
Дејвид Мекгинти, кој продолжува како министер за јавна безбедност, Џонатан Вилкинсон, кој останува министер за енергетика, Доминик Леблан, кој се преместува од финансии во трговија и Франсоа-Филип Шампањ, кој од индустрија преминува во финансии.

Лидерот на НДП, Џагмит Синг, ја критикуваше владата на Карни, тврдејќи дека со новите кадровски решенија „нема место за прогресивни либерали“.

Тој го обвини Карни дека ги фаворизира „милијардерите на сметка на работниците“ и критикуваше дека неговиот кабинет нема посебни министерства за жени, млади или лица со попреченост. ссм/

фото: ЕПА