• Saturday, 04 April 2026

Лазарева поворка во Скопје во пресрет на Велигден (ФОТО)

Лазарева поворка во Скопје во пресрет на Велигден (ФОТО)

Скопје, 5 април 2026 (МИА) - По повод Лазарева сабота, пред големиот христијански празник Велигден, денеска напладне во Скопје се одржа традиционалната лазарева поворка која тргна од дворот на храмот „Св. Димитриј“ и со пеење на лазаревите каланди се движеше по улица „Македонија“ и заврши во црквата „Св. цар Константин и царица Елена“.   

Пред почетокот на поворката, на учесниците им беа поделени врбови гранчиња, симбол на благослов и нов живот.

Лазарева Сабота е ден кога се сеќаваме на големото чудо, кога Господ Исус Христос го воскреснал праведниот Лазар, четири дена по неговото упокојување. Со ова чудо Христос им покажал на луѓето дека Бог е Бог на животот и дека верата, надежта и љубовта се посилни од смртта. Затоа овој ден е исполнет со радост и претставува почеток на подготовката за Страдалната Седмица и Воскресението Христово.

Во нашата традиција, Лазарева Сабота се одбележува со Лазареви поворки. По ослободувањето од отоманското ропство, овој обичај почнал поорганизирано да се негува преку училиштата и црквите. Во пресрет на празникот, децата заедно со возрасните собирале врбови гранчиња и пролетни цвеќиња, а потоа во радосни поворки, пеејќи песни за воскресението на Лазар, се упатувале кон храмовите, каде ги принесувале овие свои дарови.

null

Така, врбовите гранчиња се благословувале од свештениците и им се раздавале на верните како предобраз на Христовото влегување во Ерусалим на Цветници. Со цвеќињата се украсувале храмовите и домовите во знак на пролетна и благословена радост.

До Цветници децата минувале низ маалата и ја споделувале празничната радост, додека од Велики Понеделник започнувала молитвената тишина како духовна подготовка за Христовото Воскресение.

Лазаревите поворки биле широко распространети сè до Втората светска војна и истите останале живо сведоштво за верата, детската чистота и радоста изразена во заедништвото.

Овие традиции, со векови најдостоинствено го подготвувале нашиот народ за дочекување на Празникот над празниците – Христовото Воскресение, посочуваат од организацијата Бадникови поворки.дма/са/

Фото: МИА