• Saturday, 15 March 2025

„Куманово план“ подготви проекти со кои општината ќе аплицира на вториот владин повик за поддршка на инфраструктурни проекти

„Куманово план“ подготви проекти со кои општината ќе аплицира на вториот владин повик за поддршка на инфраструктурни проекти

Куманово, 14 март 2025 (МИА) - ЈП „Куманово план“ подготви повеќе проекти за изработка на улици и на градинка, реконструкција на домот за стари лица со кои општината ќе аплицира на вториот владин повик за капитални инфраструктурни проекти на општините, информираа на денешната прес-конференција надлежните од јавното претпријатие.

„Куманово план“ ги изработило проектите за улицата „АВНОЈ“ со четири крака, за населбата Гладно поле, каде жителите со години бараат патна инфраструктура. Таму се подготвени проекти за повеќе улици. Оваа релативно нова населба сè уште нема улици.

- Основни проекти се изработени за изградба на улиците „716“, „719“, „717“, „725“ и „720“. За мене лично и за нашето јавно претпријатие голем предизвик е улицата „Индустриска“ којашто го опфаќа потегот од Железничка до населбата Бедиње. Оваа улица е во исклучително лоша состојба, а сè уште функционираат голем број правни субјекти таму. Улицата е двонасочна со вкупна широчина од дванаесет метри, должина приближно 1.300 метри и се протега во индустриско подрачје и со новото решение е предвидено целосна реконструкција на коловозот и на тротоарите, изјави директорката на ЈП „Куманово план“ Анета Шандева Доневска.

Претпријатието изработило и проект за реконструкција на Домот за стари лица „Зафир Сајто“, кој ќе ја задржи досегашната архитектура, предвидено е санација на фасадата, замена на подовите, замена на електрична инсталација, целосно внатрешно санирање.

- Мислам дека сите кумановци се радуваат за проектот - изградба на современа градинка. По 60 години имаме проект за изградба на градинка. Вкупната површина во граници на проектниот опфат е 4.797 метри квадратни. Изработката на идејниот проект беше предизвик за јавното претпријатие, за нашите архитекти, инженери. Благодарејќи на Владата на Република Македонија имаме можност да учествуваме во овој капитален објект и не само да учествуваме, да бидеме носители. Самиот проект е изработен според моделот на европски градинки, додава Шандева.

Опфатот е 382 деца, ќе има десет занимални, простории за деца, административни простории, простор за игра, патеки... Градинката ќе биде најголема во Куманово. Објектот треба да се гради на парцелата во населбата Зелен рид. ам/мд/


Фото: МИА

 

You May Also Like