Кина и Индија го стопираа купувањето руска нафта за март
- Кина и Индија го прекинаа купувањето на руска нафта во март, бидејќи американските санкции ги зголемуваат трошоците за испорака
Пекинг, 29 јануари 2025 (МИА) – Кина и Индија го прекинаа купувањето на руска нафта во март, бидејќи американските санкции ги зголемуваат трошоците за испорака.
Вашингтон на 10 јануари воведе нови санкции насочени кон рускиот синџир на снабдување со нафта, со што цените на превозот со танкери се зголемија бидејќи некои купувачи и пристаништа во Кина и во Индија ги избегнуваа санкционираните бродови.
Американското Министерство за финансии претходно овој месец санкционира 183 бродови, вклучително и танкери односно „флота во сенка“ што Русија ја користеше за да ги заобиколи западните ограничувања на цената на нафтата, во сеопфатен пакет санкции, чија цел е да ги поткопа приходите на Москва од енергијата.
Како резултат на тоа, испораката на танкери Афрамакс, кои можат да пренесат околу 100.000 метрички тони руска сурова нафта ЕСПО Бленд, се зголеми на 6,5-7,5 милиони долари за испорака во Кина и од девет до 10 милиони долари за испорака во Индија. Понудите за испорака на сурова нафта ЕСПО Бленд во Кина во март се зголемија од три до пет долари за барел во однос на суровата нафта од типот Брент, која вчера се тргуваше по 77,30 долари за барел.
Индиските рафинерии сè уште не добиле нови понуди за испораките во март од трговците со руска нафта. Индиските рафинерии бараа алтернативно снабдување од Блискиот Исток, Африка и САД за март и април, бидејќи очекуваат заострување на руските услови. ми/
фото: МИА архива