• Sunday, 19 January 2025

Калас: Од витално значење е целосно спроведување на Договорот за примирје во Газа 

Калас: Од витално значење е целосно спроведување на Договорот за примирје во Газа 

Брисел, 18 јануари 2024 (МИА) - ЕУ топло го поздравува договорот за прекин на огнот во Газа, кој ќе овозможи етапно ослободување на заложниците, ставајќи крај на нивните страшни искуства што траат повеќе од 15 месеци, како и прекин на непријателствата и намалување на хуманитарното страдање во Газа, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас по повод утрешното стапување во сила на Договорот за примирје меѓу Израел и Хамас. 

- Ни олесни што заложниците, вклучително и неколку државјани на ЕУ, конечно ќе бидат заедно со своите најблиски и дека толку потребната хуманитарна помош ќе стигне до цивилите во Газа. Од витално значење е договорот целосно да се спроведе за да се овозможи ослободување на сите заложници и да се обезбеди траен прекин на непријателствата, наведе Калас во пораката. 

Таа додава дека ЕУ изразува благодарност до САД, Египет и Катар за нивните напори во преговорите за прекин на огнот, како значајно достигнување, кое треба да има позитивни резултати на Блискиот Исток. 

- Од ужасните терористички напади на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, стотици илјади невини цивили се погодени од насилство кое се прошири низ целиот регион. ЕУ длабоко изразува жалење за неприфатливиот број цивили, особено деца, кои ги загубија своите животи, нагласува Калас. 

Шефицата на дипломатијата на ЕУ повикува на целосен и непречен пристап на хуманитарната помош до Појасот Газа и нејзино ефективно дистрибуирање до оние на кои им е потребна, како и за обезбедување безбедно и достоинствено враќање на раселените жители на Газа во нивните домови. 

- ЕУ е посветена на праведен, сеопфатен и траен мир заснован на решение за две држави, при кое Израел и Палестина би егзистирале една покрај друга во мир и безбедност. Ние ќе придонесеме за оваа цел преку поддршка на Палестинската управа, за да и помогнеме да одговори на нејзините најитните потреби и да ја поддржи реформската агенда, како и преку ангажман со Израел и меѓународните партнери со цел оживување на политичкиот процес, додава Калас во пораката упатена во името на ЕУ. 

Прекинот на огнот договорен меѓу Израел и Хамас треба да стапи во сила утре во 08:30 часот по локално време. сп/

Фото: МИА Архива