• Sunday, 19 January 2025

САД издвојуваат 117 милиони долари за либанските вооружени сили

САД издвојуваат 117 милиони долари за либанските вооружени сили

Вашингтон, 18 јануари 2025 (МИА) - Соединетите држави објавија дека издвојуваат 117 милиони долари за поддршка на либанската полиција и армија по состанокот на меѓународните донатори во четвртокот.

-Овие средства се наменети за поддршка на либанските вооружени сили и силите за внатрешна безбедност, кои мора „да го гарантираат суверенитетот на Либан на целата територија на земјата, се вели во соопштението на Стејт департментот.

Американскиот Стејт департмент го поддржа состанокот на меѓународните донатори во четвртокот „со партнерите и сојузниците за да се разговара за критична безбедносна поддршка за Либан за да се одржи прекинот на непријателствата со Израел“.

На крајот на ноември беше потпишан прекин на огнот меѓу Израел и проиранското исламистичко движење Хезболах, по повеќе од една година размена на удари од двете страни, како и влегувањето на израелските сили на либанска територија од крајот на септември.

Пакетот, објавен денеска од Стејт департментот, „ја демонстрира својата посветеност да продолжи да работи со партнерите и сојузниците за да се осигура дека Либан ќе ја добие потребната поддршка за зајакнување на безбедноста на земјата и регионот“.

Либанскиот претседател Џозеф Аун денеска повика на повлекување на израелската армија од јужен Либан „во временската рамка утврдена“ со договорот за прекин на огнот. Овој договор предвидува распоредување на либанската армија заедно со Сините шлемови во Јужен Либан и повлекување на израелската армија за период од 60 дена, т.е. до 26 јануари.

Во истиот период, Хезболах мора да ги повлече своите сили северно од реката Литани, на околу 30 километри од либанско-израелската граница. мс/

фото: МИА архива