• Thursday, 20 February 2025

Кадриу:Уставниот суд поведе постапка за оценување на одредбата за вреднување на стажот на членовите на Советот на јавни обвинители

Кадриу:Уставниот суд поведе постапка за оценување на одредбата за вреднување на стажот на членовите на Советот на јавни обвинители

Скопје, 19 февруари 2025 (МИА) - Уставниот суд на Република Северна Македонија донесе одлука да поведе постапка за оценување на стажот на членовите на Советот на јавни обвинители кои се избрани од редот на јавните обвинители. Оваа одлука е резултат на иницијативата поднесена од обвинителката Ленче Ристоска, која го оспори Член 4 став 7 од Деловникот за работа на Советот. Според оспорената одредба, мандатот на овие членови се смета за позитивно оценет јавно-обвинителски стаж, освен во случаи предвидени во член 35-а од Законот за Советот на јавните обвинители.

Судијата известител, Осман Кадиру, во изјава за медиуми по денешната седница рече дека ваквата определба на Советот на ЈО и на ваков начин да се вреднува и тоа позитивно нивната работа е апсурд и во спротивност со целокупното право на нашата држава и Уставот на земјата.

-Членовите на Советот на ЈО, кои се бираат од составот на обвинителите со самиот избор, нивната функција престанува и тие продолжуваат да работат сосема на други работни задачи кои немаат никаква врска со обвинителската функција. На ваков начин се врши и дискриминација кон другите обвинители кои конкурираат и очекуваат одредено унапредува врз основа на позитивна оценка, посочи Кадриу.

Според Кадриу, основано се поставува прашањето како може да се вреднува нивната работа и тоа како позитивна оценка, која се однесува само за обвинителската функција и вршењето на обвинителската функција.

-Отворено се поставува прашањето како може да се оценува како обвинителска функција, функцијата на членовите на Советот на јавни обвинители кои не ја вршеле таа функција, не се носители на таа функција. Кариерата и унапредувањето се добива само за работата и работните задачи и за сработеното на работното место на кои ги врши работите... а, членовите на Советот на јавни обвинители додека се членови и правно и објективно, и фактички и физички не работат како обвинители и не може да работат, затоа што нивната функција е во мирување и тие вршат други работи кои не се и не претставуваат квалификација на обвинителската дејност, изјави Кадриу.

По расправата Судот, рече Кадриу, едногласно се определил да донесе одлука за поведување на постапка за таа одредба, која, како што посочи „е скандалозна од аспект и критериум на право и Устав“.

Кадриу, исто така, информираше дека имал и предлог да се донесе времена мерка за да се стопира понатамошната примена на овој акт, додека Уставниот суд не се произнесе за правната судбина. Но, овој предлог не го добил потребното мнозинство

Во иницијативата е наведено дека оспорената одредба е во спротивност со Амандманот XXX од Уставот, членот 7 од Законот за Совет на јавни обвинители и членовите 36 и 62 од Законот за јавното обвинителство. Подносителката наведува дека за времетрањето на мандатот, членовите на Советот на јавни обвинители избрани од редот на јавните обвинители не вршат јавно-обвинителска функција и не може да бидат оценувани, односно тие во конкретниот период не може да реализираат „позитивно оценет јавно-обвинителски стаж”. Се тврди дека станува збор за прашање кое не може да се уредува со Деловник, бидејќи изворно не е уредено со законски пропис, па се остава впечаток дека членовите сами си доделиле право и поволност кои Законодавецот не им го гарантирал. Од ова придобивка имаат самите членови кои по завршување на мандатот во Советот на јавни обвинители се унапредени во повисоки позиции во јавните обвинителства, се наведува во иницијативата. ар/аа/
Фото:МИА