• Wednesday, 05 February 2025

Кавадарци со натпревар за најдобри вина во чест на „Свети Трифун" 

Кавадарци со натпревар за најдобри вина во чест на „Свети Трифун

Кавадарци, 4 февруари 2025 (МИА) - Здружението за негување и развој на винска култура, вински туризам и производи од грозје „Винотек", во соработка со Вински музеј и под покровителство на градоначалникот и Општина Кавадарци, традиционално организира натпревар за најдобри вина, по повод празникот „Свети Трифун", што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

Од Здружението попладнево информираа дека станува збор за деветата Интернационална дегустација и оценување на вина произведени од регистрирани производители, мали семејни винарии, домашни индивидуални производители и странски винарии и производители.

- Има неколку категории за оценување. Млади вина, берба 2024, бели, розе и црвени, со посебна категорија од автохтоната сорта „станушина". Мирни вина, бели, розе и црвени, повторно со посебна категорија од автохтоната сорта на грозје и вино. Најдобри странски вина. За организирање на оценување од секоја категорија, треба да има минимум по девет мостри, појаснија од Здружението. 

За оценување се доставуваат по две шишиња од секоја мостра, а бројот на мостри не е ограничен. Рокот за доставување на мострите е најдоцна до четврток. 

-  Оценувањето ќе го врши петчлена стручна комисија под раководство на професор доктор Михаил Петков, а резултатите ќе се соопштат на „Свети Трифун" на 14 февруари,  на пригодна свеченост во Винскиот музеј во Градскиот парк. Ќе се оценуваат сите предадени мостри, а ќе се доделат пехари, медали, дипломи и награди на најдобро оценетите три вина од секоја категорија, истакнаа од „Винотек". свд/цр


Фото : плакат за јавниот повик