Интензивна изградба на инфраструктурата во новата населба СРЦ во Делчево
- Градоначалникот Иван Гоцевски најавува современи услови за живот и урбан развој во една од најновите населби на градот
Делчево, 18 февруари 2026 (МИА) - Во новата градска населба СРЦ во Делчево започна интензивна изградба на потребната инфраструктура, со што се создаваат предуслови за безбедно, функционално и модерно домување на жителите. Активностите, како што информираше градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски почна со поставување на водоводна, атмосферска и фекална канализација.
-Атмосферската канализација е во должина од 538 метри, фекалната канализација 165 метри, а водоводната 304 метри. По завршувањето на подземната инфраструктура, ќе се изградат и три нови улици – улица 5, улица 6 и улица 8 – со вкупна должина од 400 метри, информира Гоцевски.
Вкупната вредност на проектот изнесува 10.204.477 денари, средства обезбедени од Владата преку Министерството за транспорт и врски, а изведувач е компанијата ДПТУ ОСД Кирил ДООЕЛ експорт-импорт од Штип.
-Вложуваме во иднината на нашата општина и создаваме современи услови за живот на сите граѓани и одржлив урбан развој. Населбата СРЦ која долго време беше запоставена, сега добива целата потребна инфраструктура и може да стане вистински украс на нашиот град, додаде Гоцевски.
Изградбата на инфраструктурата во населбите во Делчево, како што велат од Општината, е стратешки приоритет на локалната власт и предуслов за рамномерен развој на урбаните зони и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. вс/дма/
Фото: МИА