Жители од „Панче Пешев“ Куманово бараат трајно решение за палењето отпад
- Граѓаните од месната заедница „Панче Пешев“ Куманово, вчера одржаа состанок на кој разговараа за проблемите од речиси секојдневното палење на отпад, смет, шут, гуми на потегот над нивната урбана заедница од Спомен костурницата сè до влезот на населбата „Перо Чичо“. Граѓаните од овој дел на Куманово постојано се жалат на чад и оган кој го предизвикуваат несовесни граѓани.

Куманово, 3 јули 2025 (МИА) - Граѓаните од месната заедница „Панче Пешев“ Куманово, вчера одржаа состанок на кој разговараа за проблемите од речиси секојдневното палење на отпад, смет, шут, гуми на потегот над нивната урбана заедница од Спомен костурницата сè до влезот на населбата „Перо Чичо“. Граѓаните од овој дел на Куманово постојано се жалат на чад и оган кој го предизвикуваат несовесни граѓани.
Во изјавата за медиумите, жителите на „Октомвриска револуција“ посочија дека постојано дишат загаден воздух, немаат можност да отворат прозорци, не можат да излезат и да се дружат во населбата, укажувајќи дека несовесното однесување го отежнува нормалното живеење во урбаната заедница. Благо подобрување, велат граѓаните има по одржување на кризниот штаб.
-Постојано ги гледаме причинителите, пријавуваме и во противпожарната единица и до СВР Куманово. Секојдневно има од три до пет пати палење. Постојано се обраќаме, но дел од институциите си ја „префрлуваат топката“ едни кон други. За поздрав е одржување на кризниот штаб. Сепак ако нема трајно решение за 15 дена ќе го блокираме булеварот. Нема нерешлив проблем, туку институции кои докрај не си ја вршат работата, изјави Бобан Петрински, претставник на месна заедница.
Урбаната единица е густо населена со комплекси згради, со голем број на младо население и деца. Мирисот на запалена пластика, гуми, чад се чувствува сè до центарот. Општинскиот кризен штаб донесе повеќе мерки патроли на комунална инспекција, СВР Куманово, интензивно чистење на „дивите“ депонии на овој потег, поставување на големи садови за смет …
Градоначалникот, Максим Димитриевски на последната прес-конференција повика граѓаните да споделуваат видео-материјал и фотографии од прекршителите и да ги испраќаат до општината.
Додека траеше собирот и изјавата на претставниците од месната заедница, повторно се гледаше чад во близина на пругата над Куманово. Во изјавата за МИА, вчера и командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски рече дека само на овој потег имало 25 пожари што е една третина од вкупниот број регистрирани пожари во јуни, годинава во кумановската противпожарна единица.
Според истражувањата изработени преку проект во Куманово дефинирани се шест извори на загадување согорувањето на биомаса, сообраќајот, согорување на оган на отворено и отпад, согорување на мазут и нафта, со најмал процент е минерална прашина и секундарните аеросоли. Лекарите од Куманово во неколку наврати информираа деке е зголемен бројот на пациенти по различни оддели, сè поголем бројот на пациенти кои се жалат на тегоби предизвикани од аерозагадувањето, отежнато дишење, тежина во градите, сува кашлица. Куманово за мерки против аерозагадувањето одвојува најмногу средства во државата. Како долгорочни се сметаат гасификацијата и пошумувањето. Општина Куманово, годинава субвенционира набавка на инвертер клими, а продолжува и субвенционирањето на приклучокот кон гасификациската мрежа. Изминатиов период преку проекти беа засадени висококвалитетни садници на различни локации, а воведен е и бесплатен градски превоз. ам/дма/
Фото: МИА