„Еко логистик сервис“ ја носи во земјава најголемата светска платформа за гардероба „Шеин“
- Што се однесува до популарната платформа „Тему“, директорот на ЕЛС најави дека месецов веќе граѓаните ќе можат да купуваат и производи до 90 евра, на што ќе се плаќа ДДВ. Досега, максималниот износ за нарачка во Македонија беше 22 евра.

Скопје, 13 март 2025 (МИА) - Најголемата приватна пошта „Еко логистик сервис“ (ЕЛС) ќе ја носи во земјава најголемата светска платформа за гардероба „Шеин“, како и соработка со неколку нови онлајн платформи за нарачки, најави денеска на средба со новинарите директорот на ЕЛС Игор Гешовски.
„Шеин“, најголемата платформа во светот за текстил, се очекува да почне да функционира во земјава кон крајот на овој месец, а најдоцна до почетокот на април.
-„Шеин годишно изработува три милиони модели. Тие го прават целиот процес, преку набавка на платно, ткаење, кроење, шиење, моделирање и продажба. Нема да бидат толку евтини, но се високо квалитетни производи. Очекуваме првата пратка да пристигне во земјава најдоцна до почетокот на следниот месец“, најави Гешовски, додавајќи дека во меѓувреме, најавена е и соработка со платформите ForDeal и GD, а во тек се преговори со ТикТок и со Амазон.
Што се однесува до популарната платформа „Тему“, директорот на ЕЛС најави дека месецов веќе граѓаните ќе можат да купуваат и производи до 90 евра, на што ќе се плаќа ДДВ. Досега, максималниот износ за нарачка во Македонија беше 22 евра.
Гешовски најави и отворање на фулфилмент центар што ќе почне со работа наредниот месец. Станува збор за магацин од 1000 квадратни метри каде што ќе им се чува робата на компаниите.
-Сето тоа ќе биде кодирано, сѐ е под камери, робата се евидентира. Компаниите ќе ни пишуваат која роба каде треба да се однесе, ние ќе ја сортираме, пакуваме, бележиме и ќе ја носиме до крајната дестинација. На тој начин компаниите ќе заштедуваат оти инаку секој треба да има магационери, управа, објекти, шофери..., рече Гешовски.
Уште една поволност за македонските компании, како што рече тој, е иницијативата да се направи платформа и да им се помогне на компаниите да направат свои веб-страници и производите да ги пласираат на други пазари, и регионално но и пошироко. Дополнително, се прави кампања за поддршка на старт-ап компании, со промотивни попусти - 30 проценти попуст во првиот месец, 20 отсто попуст во вториот месец и 10 отсто попуст во третиот месец на сите пратки преку ЕЛС.
Гешовски на денешната средба со медиумите информираше дека сега ЕЛС испорачува по 500.000 пратки месечно, а целта е до крајот на годината да се испорачуваат по еден милион пратки. Со оглед на зголемениот обем на работа, планирано е да се воведат пакетомати, уреди кои на корисниците им овозможуваат самопослужување со преземање на својата пратка во кое било време.
ЕЛС дополнително ќе воведе новитет во своето работење, преку достава на пратки за еден ден насекаде низ Северна Македонија. Доколку пратката не биде доставена во рок од два дена, доставата ќе биде бесплатна.
„Еко логистик сервис“ е единствената приватна пошта во земјава која ги поседува сите домашни и интернационални лиценци, има повеќе од 250 вработени, располага со повеќе од 200 сопствени возила и има 50 хабови низ државата. нд/
Фото: ЕЛС