Економијата, конкурентноста и европската одбрана во фокусот на средбата Мицотакис – Мерц во Берлин
- Прашањата од заеднички и европски интерес, со акцент на економијата и конкурентноста на ЕУ, како и европската одбрана биле во фокусот на средбата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис со лидерот на германската Христијанско-демократска партија (ЦДУ) и кандидат за канцелар Фридрих Мерц, на маргините на состанокот на лидерите на Европската народна партија во Берлин, информираа од кабинетот на грчкиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 18 јануари 2025 (МИА) – Прашањата од заеднички и европски интерес, со акцент на економијата и конкурентноста на ЕУ, како и европската одбрана биле во фокусот на средбата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис со лидерот на германската Христијанско-демократска партија (ЦДУ) и кандидат за канцелар Фридрих Мерц, на маргините на состанокот на лидерите на Европската народна партија во Берлин, информираа од кабинетот на грчкиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации, на средбата разговарале и за изборната програма на ЦДУ, „која има доста заеднички точки со програмата што ја спроведува Владата на Кирјакос Мицотакис, како и за динамичното закрепнување на грчката економија“, а грчкиот премиер посебно се задржал на важноста на дигитализацијата на државата и грчкиот успех на ова поле.
- Кирјакос Мицотакис и Фридрих Мерц разменија мислења и за европската одбрана. Премиерот ја повтори потребата од заедничко европско финансирање на важни одбранбени проекти од заеднички интерес за ЕУ, како што е европската противвоздушна одбрана, информираа од кабинетот на грчкиот премиер.
На маргините на состанокот на Европската народна партија, Мицотакис се сретнал и со претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола со која разговарале за „следните законодавни иницијативи и приоритети во рамките на новиот европски циклус“, а размениле мислења и за „предизвиците со кои се соочува ЕУ во средина на брзи геополитички промени“. ср/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер