• Wednesday, 15 January 2025

Егед: Гренланд е отворен за соработка со САД во областа на рударството

Егед: Гренланд е отворен за соработка со САД во областа на рударството

Нук, 14 јануари 2025 (МИА) – Премиерот на Гренланд, Мут Б. Егед изјави дека данската автономна територија е отворена за поблиски врски со САД, пред сè во областа на рударството.

- Мораме да соработуваме со Америка. Почнавме со дијалог и бараме можности за соработка со (новоизбраниот претседател на САД, Доналд) Трамп, наведе Егед.

Тој додаде дека Гренланд „ја држи отворена вратата кога станува збор за рударството.

- Така ќе биде и во следните години. Мораме да тргуваме со Америка, посочи Егед.

Но, тој не навести дека Гренланд е отворен за преземање од страна на САД.

Трамп, кој ќе стапи на должност на 20 јануари, минатата недела изјави дека не исклучува воена интервенција за да ги стави под контрола Панамски Канал и Гренланд.

Новоизбраниот потпретседател на САД, Џеј Ди Венс во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека САД веќе имаат „трупи на Гренланд“, во воената база во северозападниот дел од Островот.

Покрај стратешката локација, Гренланд, кој бара независност од Данска, има огромни резерви минерали и нафта, иако истражувањата на нафта и ураниум се забранети.

Трамп и за време на првиот мандат изјави дека сака да го купи Гренланд, но Данска веднаш ја одби понудата. ми/

фото: ЕПА