• Tuesday, 03 February 2026
Домашни лиснати кифли

Меки, мирисни и лиснати, овие домашни кифли се совршени за појадок или ужинка. Подготвени со едноставни состојки и малку трпение, резултатот е неодолив – кифли кои ќе ја исполнат кујната со мирис на свежо печено тесто.

Состојки:

  • 600 грама брашно
  • 1 коцка (40 г) свеж квасец
  • 200 мл млако млеко
  • 200 мл јогурт
  • 100 мл масло
  • 2 јајца
  • 1 лажица шеќер
  • Прстофат сол

  • 250 грама маргарин или путер (растопен)
  • 1 јајце (за премачкување)
  • Сусам, ленено семе, крупна сол – по желба

Подготовка:
Во млако млеко со шеќерот растворете го квасецот и оставете го да се активира. Потоа додајте ги сите останати состојки и замесете меко и мазно тесто. Тестото веднаш поделете го на 8 еднакви топчиња и оставете ги да одморат 5–10 минути.
Првото топче развлечете го во круг со големина 20-25 см и премачкајте го со растопен маргарин (или путер). Развлечете го второто топче, ставете го врз првото и повторно премачкајте. Повторувајте додека не ги наредите сите топчиња. Последниот слој не се премачкува. Оставете го тестото да одмори околу 15 минути.
Работната површина и тестото добро набрашнете ги, па развлечете го во еден голем круг. Доколку немате доволно простор, најдобро е да работите на маса.
Кругот пресечете го на половина, а потоа исечете долги триаголници со ширина од околу 7–8 см. Секој триаголник завиткајте го во форма на кроасан и наредете ги во плех обложен со хартија за печење. Оставете растојание меѓу нив бидејќи ќе нараснат. Оставете ги кифлите да киснат 1,5 до 2 часа. Кога ќе нараснат, премачкајте ги со разматено јајце и посипете со сусам, ленено семе или крупна сол – по желба. Печете во претходно загреана рерна на 180°C додека убаво не поруменат. Кифлите може да се замрзнат пред печење и по потреба да се вадат и печат свежи.
И на крај – уживајте во вкусот!

 

 

Фото: Фрипик