• Tuesday, 03 February 2026

Американските десничари со алтернативно шоу за полувремето на Супер боул

Американските десничари со алтернативно шоу за полувремето на Супер боул

Вашингтон, 3 февруари 2026 (МИА) - „Конзервативната организација „Трнинг поинт САД“ (Turning Point USA) најави организирање алтернативно музичко шоу за време на полувремето на Супер боул, кое ќе се пренесува во живо оваа недела за време на финалето на НФЛ-сезоната“, објави „Д хил“ (The Hill).

„Настанот, со наслов „Д ол‑Американ халфтајм шоу“ („The All-American Halftime Show“), има цел да ги промовира американската вера, семејството и слободата“, соопшти организацијата основана од покојниот конзервативен активист Чарли Кирк, а денес предводена од неговата вдовица Ерика Кирк. На  настанот ќе учествуваат Кид Рок, кантри-ѕвездата Брантли Гилберт, пејачот Ли Брајс и младата кантри-пејачка Габи Барет. 

Настанот ќе се пренесува во живо в недела од 20 часот на јутјуб-каналот на „Трнинг поинт САД“, како и на нивните профили на платформите „Икс“ и „Рамбл“.

- На овој настан гледаме како на Давид против Голијат. Да се натпреваруваме со професионалниот фудбал и светска поп-суперѕвезда е речиси невозможно, а можеби и не - изјави Кид Рок. Тој додаде дека нивната цел е да изведуваат музика „за луѓето што ја сакаат Америка“.

Музичкиот настан доаѓа како реакција на изборот на порториканската поп-ѕвезда Бед Бани за официјалниот настап на полувремето на Супер боул ЛX (LX), организиран од НФЛ во соработка со „Епл мјузик“ и „Рок нејшн“. Неговиот избор предизвика критики во конзервативните кругови поради неговите политички ставови и јавни изјави поврзани со имиграцијата, како и поради неговиот уметнички пристап кон прашањата за родот и културната различност. Настапот се очекува да го следи телевизиска публика од над 120 милиони гледачи во светот. Финалниот натпревар ќе се одржи во Сан Франциско, каде што ќе се сретнат екипите на Сијетл Сихокс и Њу Ингланд Петриотс (Seattle Seahawks и New England Patriots). мв/

Фото: Turning Point USA