• Thursday, 06 March 2025

Доделени БЕАМ наградите: Светското првенство во хип-хоп е најдобриот настан за 2024 година

Доделени БЕАМ наградите: Светското првенство во хип-хоп е најдобриот настан за 2024 година

Скопје, 5 март 2025 (МИА) - На свечена гала-церемонија синоќа во хотелот „Мериот“ во Скопје, Фестивалот БЕАМ (Best Event Awards Macedonia - BEAM) како Наградна платформа за најдобрите настани во Македонија којашто ги наградува и ги истакнува најуспешните проекти во индустријата за настани, ги прогласи победниците за минатата 2024 година.

„Како единствено признание од ваков вид во Македонија, БЕАМ ги истакнува најуспешните проекти и креативни постигнувања во индустријата за настани. Главната награда 'Гран при' (Grand Prix) за најдобар настан отиде во рацете на Светското првенство во хип-хоп, организирано од 'Пипл медија', настан којшто триумфираше уште во две категории - Најдобар културен настан и Најдобар спортски настан за 2024“, соопшти организаторот.

Наградите беа доделени во 10 категории, а одличија добија врвни настани коишто ја одбележале изминатата година. Следат останатите наградени проекти:

Најдобар корпоративен настан: „Халкбанк: Трајни културни вредности“ (Маркетинг-агенција Ефектива);

Најдобар музички настан и Најдобра активација на бренд: „100 години Скопско“ (Публицис груп);

Најдобар фестивал: „Литера - Меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца“ (Маркетинг-агенција Ефектива); 

Најдобра конференција: Наука за деца (Фондација „Кантарот“ - Скопје);

Најдобар Експо настан: „Скопје Виски фест“ (Ботега ивенти);

Најдобар хуманитарен настан: „Абилити авордс“ (Абилитис Нет);

Најдобар настан на државна институција: Меѓународна регулаторна конференција (Идеа плус,
Плус 360° Комуникации).

- Оваа година имавме рекорден број на квалитетни пријави, што ни докажува дека БЕАМ е веќе значајна и влијателна награда за препознавање и валоризација на најдобрите настани во Македонија. Горди сме што го одбележавме успехот на овие проекти, а жирито навистина имаше тешка задача да ги избере најдобрите. БЕАМ ќе продолжи да расте, и ќе станува сѐ подобар а веќе од следната година ќе можеме да ги видиме и настаните што се организираат во регионот, изјави Маја Бабиќ, директорка на БЕАМ.

Присутните на свеченоста имаа привилегија да уживаат во извонредните настапи на петкратниот светски шампион во модерен балет, младиот Анди Исмаили, како и во енергичниот перформанс на танчерите од студиото „Брејк а лег“, заедно со Мила Србиновска - светска шампионка во хип-хоп, категорија јуниори.  си/са/

Фото: БЕАМ