• Friday, 04 October 2024

Денеска се одбележува 80-годишнината од донесувањето на Манифестот на Генералштабот на НОВ и ПОМ

Денеска се одбележува 80-годишнината од донесувањето на Манифестот на Генералштабот на НОВ и ПОМ

Охрид, 3 октомври 2024 (МИА) – На денешен ден пред 80 години во дебрчкото село Црвен Вода беше објавен Манифестот на Генералштабот на НОВ и ПОМ, документ што според своето историско значење значење е еднаков на Крушевскиот манифест, бидејќи сите подоцнежни асномски одлуки се инспирирани од него.

Жителите на Општината Дебрца се особено горди на минатото, на вечните слободарски идеали и оттаму денешниот ден 3 Октомври се слави како Патронен празник на општината.

Градоначалникот Зоран Ногачески по повод денешниот празник посочи дека во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја, како што рече „и во времето на Светиклиментовата Кутмичевица и во илинденскиот период и во текот на НОБ“.

„Тука се исковани најголемите придобивки од НОБ. Затоа, имаме обврска, но и аманет од нашите претци да се однесуваме одговорно кон нашата историја и нејзините придобивки. Нашата визија е да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца, да го сочуваме нејзиното богато природно, културно и историско наследство. Наследство кое не е само наше, на општина Дебрца и Македонија, туку е и светско наследство“, рече Ногачески.

За борците од дебрчкиот крај „постоењето на слободната територија во Западна Македонија, донесените одлуки и документи на оваа територија, организираноста на целокупниот систем на власт, судство, позадина, војска, просвета, организирање на свештенството, присуството на странски воени мисии и друго, се карактеристики на секоја држава“.

Оттаму и нивното тврдење дека токму на слободната територија на Дебрца, во 1943-та година се раѓаше и се оцртуваа контурите на денешна слободна, независна и суверена македонска држава.

Манифестот на Генералштабот на НОВ и ПОМ е донесен на денешен ден во 1943 година, во време кога на чело на Генералшабот беше Михајло Апостолски. Во документот беше претставена платформата на НОБ и државноста на Македонија, а Манифестот е потпишан од страна на сите тогашни членови со полни имиња, со цел да се отстранат сомнежите од тогашната пропаганда дека за ослободувањето на Македонија не се борат Македонци, како и да се минимизира целото народноослободителско движење. аб/нд/

Фото: МИА