Демир Капија организира натпревари во закројување лоза и најдобри вина и ракии
- На програмата за одбележување на празникот на лозарите и винарите, „Свети Трифун“, се и традиционалната велосипедска винска тура, базар на вино, ракотворби и производи од традиционални занаети.
Демир Капија, 30 јануари 2026 (МИА) - Општина Демир Капија организира натпревари во закројување винова лоза и најдобри вина и ракии произведени во домашни услови. Како што информираа од локалната самоуправа, овие и многу други настани, се организираат во рамки на традиционалната манифестација „Недела на традицијата - Свети Трифун 2026“ година.
На програмата за одбележување на празникот на лозарите и винарите „Свети Трифун“, се и традиционалната велосипедска винска тура, базар на вино, ракотворби и производи од традиционални занаети.
- Годинава, неделата на традицијата ја започнуваме со одмерување на вештините во закројување винова лоза, помеѓу искусни кројачи, во лозов насад во Демир Капија. На агендата се театарска претстава, читање проза и поезија и доделување признанија на учесници на литературен конкурс, изложба и доделување признанија на учесници на ликовен конкурс, ликовна изложба на тема вино и лозарство, музичка програма. Централниот настан ќе биде на 14 февруари, на денот што се смета за заштитник на лозарите и винарите, ќе имаме свечено закројување на винова лоза, појаснија од Општината.
Оттаму информираа и за датумите што треба да ги испочитуваат сите заинтересирани за учество во натпреварите што ги организираат во рамки на манифестацијата. Притоа повикаа, навремено да се пријават и сите заинтересирани за обезбедување штандови на градскиот плоштад во Демир Капија, за продажба на вино, ракотворби и производи од традиционални занаети. свд/дма/
Фото: МИА архива