Дебар во фокусот на инвестициите - 23 проекти во тек, завршен патот во Долно Косоврасти
- Според заменик министерката за транспорт Зеколи-Шаќири преку Министерството за транспорт, за Општина Дебар, се обезбедени вкупно 23 проекти со вкупна вредност од 2,6 милиони евра.
Дебар, 30 март 2026 (МИА) - Заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи - Шаќири, денеска престојуваше во општина Дебар, во рамки на теренските посети и увид во реализацијата на инфраструктурни проекти, каде заедно со градоначалникот на општината Фисник Меља, одблизу го разгледаа напредокот на проектите што се спроведуваат во оваа општина, меѓу кои и целосната реконструкција на патот во село Долно Косоврасти.
-Во рамки на посетата, беше промовирано и завршувањето на работите на локалниот пат во селото Долно Косоврасти, делница во должина од 450 метри, што се смета за важна инвестиција за жителите на областа и за олеснување и поголема безбедност во сообраќајот, информираа од општината.
Според Зеколи-Шаќири преку Министерството за транспорт, за Општина Дебар, се обезбедени вкупно 23 проекти со вкупна вредност од 2,6 милиони евра.
На средбата со Меља, во просториите на општината, оценето е дека овие инвестиции, ја одразуваат посветеноста на владата кон одржливиот развој на општината и кон зголемувањето на урбаната функционалност.

Имплементацијата на инфраструктурни проекти во општините во земјата продолжува во рамки на владините повици за локална поддршка, а една од областите каде што инвестициите се интензивираа е Дебар, рекла Зеколи - Шаќири.
Како што потврдуваат од општината, разговарале за текот на работите и координацијата на понатамошните чекори за завршување на тековните проекти, кои имаат за цел подобрување на инфраструктурата и условите за живот на граѓаните, а било нагласено и дека подобрувањето на инфраструктурата придонесува и во зајакнување на богатиот туристички потенцијал на дебарскиот крај. вт/нд/
Фото: Министерство за транспорт