Две третини од Полјаците сакаат во нивната земја да биде распоредено нуклеарно оружје
- И покрај острото отфрлање од САД, полскиот претседател Анджеј Дуда во изјава за британскиот Би-Би-Си го повтори апелот Вашингтон да ги распореди своите нуклеарни ракети на територијата на неговата земја како дел од програмата за нуклеарно споделување, а според последната анкета, тој има поддршка од дури 63 отсто од Полјаците.

Варшава, 14 март 2025 (МИА) - И покрај острото отфрлање од САД, полскиот претседател Анджеј Дуда во изјава за британскиот Би-Би-Си го повтори апелот Вашингтон да ги распореди своите нуклеарни ракети на територијата на неговата земја како дел од програмата за нуклеарно споделување, а според последната анкета, тој има поддршка од дури 63 отсто од Полјаците.
Според истражувањето на Институтот Полстер, 37 отсто од испитаниците се против распоредување нуклеарно оружје на полска територија, додека 63 отсто го поддржале апелот на претседателот до американскиот сојузник.
-Ситуацијата се промени толку многу што Полјаците се склони да распоредат нуклеарно оружје. Во овие турбулентни времиња, ние треба да имаме заштитен чадор. Време е да започне храбра дебата за нуклеарното оружје во Полска, изјави поранешниот командант на полската армија, генерал Валдемар Скшипчак за полскиот таблоид Супер Експрес, кој ги објави резултатите од истражувањето.
Во интервју за Би-Би-Си, полскиот претседател го повтори апелот што го упати пред неколку дена во интервју за „Фајненшл тајмс“ и рече дека американските нуклеарни ракети, како оние што ги поседуваат пет земји во рамките на програмата „Нуклеарно споделување“, за чија употреба одлучуваат САД, ќе бидат добра алатка во Полска за да ја одврати Русија од напад.
-Истата Русија која денеска ја напаѓа Украина, агресорот, убива цивили, бомбардира цивилни населби, го пренесува своето нуклеарно оружје од Русија во Белорусија. Оваа одбранбена тактика би била клучен одговор на Русија да го префрли нуклеарното оружје до границата на НАТО. Полска е подготвена да го прими ова оружје, рече Дуда, пренесоа полските медиуми.
Полскиот претседател го повтори овој апел и покрај тоа што полските владини претставници, предводени од премиерот Доналд Туск, го предупредија дека такви работи не треба да се договараат преку медиумите, а министерот за внатрешни работи Томаш Шемоњак рече дека Дуда ѝ штети на идејата бидејќи таквата дипломатска офанзива преку медиумите и социјалните мрежи може да ја поткопа добрата иницијатива.
Исто како и претходно, кога полскиот претседател побара од САД да ја вклучат Полска во Договорот за нуклеарно споделување, сега Вашингтон веднаш кажа категорично „не“.
-Не сум разговарал со претседателот Трамп конкретно за тоа, но би бил шокиран ако тој поддржи поместување на нуклеарното оружје понатаму на исток, изјави вчера за Фокс њуз американскиот потпретседател, Џејмс Ди Венс.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави дека прашањето за нуклеарното оружје во Полска може да се реши само со дискретен дијалог. мс/
фото: МИА архива