• Monday, 25 November 2024

Глумица со попреченост во првиот свој филм глуми со својата хероина од вистинскиот живот

Глумица со попреченост во првиот свој филм глуми со својата хероина од вистинскиот живот

Лос Анџелес, 22 ноември 2024 (МИА) - Фиби-Реј Тејлор е американска глумица со церебрална парализа која во првиот свој филм воопшто, глуми со својата хероина од вистинскиот живот - Џенифер Анистон.

Филмот „Вон памет“ (Out of My Mind) се прикажува од денеска, 22 ноември, на „Дизни плус“ платформата, и во него актерката која користи ортопедска количка, првпат се појавува во улогата на Мелоди, шестоодделенка со телесна, но и говорна попреченост - таа не зборува. Така, Тејлор „не можела да престане да плаче“ кога дознала дека „внатрешните мисли“ на Мелоди ќе бидат вокализирани од Анистон.

Тинејџерката за „Јаху ентертејнмент“ (Yahoo Entertainment) раскажува и како го добила името по ликот на Лиза Кудроу од ТВ-серијата „Пријатели“ (Фиби).

- „Пријатели“ беа голем дел од мојот живот додека растев. „Лудо“ е затоа што ја сакав уште кога бев мала, рече младата глумица за Анистон. - Отсекогаш сум ја сакала. Таа ми помогна многу во мојот живот.

„Вон памет“ е заснован на романот за млади на Шерон М. Дрејпер од 2010 година, којшто раскажува за внатрешните дијалози што треба „грижливо да се пренесат на филм“, како што вели режисерката Амбер Сили. Алузијата на хумористичната серија од 90-тите не е случајна.

- Значи, на крајот одлучивме дека концептот таа (девојка) да има внатрешен глас - е добар. Самата Фиби во својот живот ја има љубовта и опсесијата со „Пријатели“ и со Џенифер Анистон, па „го позајмивме“ тоа од вистинскиот живот на Фиби и го внесовме во филмот, нагласи Сили.

Целта, меѓу другото, е луѓето со попреченост, кои честопати се на маргините на општеството, да се вклучат во сите општествени текови - рамо-до-рамо со другите луѓе. Тејлор, едноставно, вели дека не сака луѓето да им судат на лицата со попреченост.

- Чувствувам дека луѓето треба да сфатат дека децата и возрасните со попреченост се само луѓе. Иако можеби изгледаме или звучиме или се однесуваме малку поинаку - ние сме сосема исти. И ние имаме наши мислења, допаѓања, мразиме некои работи, сакаме некои работи. Но, и ние сме мајки, татковци, ќерки, сестри, вели Тејлор.

Младата глумица, за разлика од својот лик Мелоди во првата нејзина улога, умее да говори.

Фото: ИМДБ, Фејсбук