• Monday, 25 November 2024

Протест во Скопје: Апел да се набават нови автобуси и да се пуштат нови автобуски линии

Протест во Скопје: Апел да се набават нови автобуси и да се пуштат нови автобуски линии

Скопје, 22 ноември 2024 (МИА) - На протест што денеска се одржа пред канцелариите на Град Скопје, жители на Шуто Оризари, средношколци и студенти го изразија своето незадоволство во однос на состојбата со јавниот превоз. Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, потенцираше дека оваа Општина е оставена без јавен превоз, додека студентите и средношколците испратија апел да се набават нови автобуси и да се пуштат нови автобуски линии.

Градоначалникот Курто Дудуш изјави дека граѓаните на Шуто Оризари 730 дена немаат пристап до јавен превоз. Според него, расистички, дискриминаторски, нехумано и неодговорно е 40 000 граѓани две години да немаат јавен превоз.

- Вчера рековте неумесно е граѓаните на градот Скопје да останат еден ден без јавен превоз, поради немање на нафта. Според вас, која е замената за зборот неумесно за граѓаните на Општина Шуто Оризари, кои 730 дена немаат пристап до јавен превоз. Јас би рекол, зборот е расистички. Расистички, дискриминаторски, нехумано и неодговорно е да оставиме 40.000 граѓани, две години без јавен превоз. Прашајте ги шоферите од линијата 61, која поминува покрај Општина Шуто Оризари. На три километри од почетот на Општината, колку години и колку граѓани ја користат оваа линија како алтернативен превоз, рече Дудуш.

Тој подвлече дека денеска повторно во Шуто Оризари нема автобуси, а напомена и дека во оваа Општина не се собира редовно смет од домаќинствата. 

-Ние татковците, мајките на ученици кои секојдневно доцнат поради немање јавен превоз, ние професорите, воспитувачите на деца од Општина Шуто Оризари, кои секојдневно доцниме или не се појавуваме на работа поради немање на јавен превоз. Ние мажите и жените кои добивме откази од работа, поради секојдневно доцнење поради немање јавен превоз. Ние постарите лица кои не стигнуваме на време на закажаните термини во болниците и со загрозуваме здравјето, додаде градоначалникот.

Тој побара од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска итно да постапи по возниот ред, објавен на страната на ЈСП и од утре да возат автобуси по улиците на Општина Шуто Оризари.

-Итно да се ревидира одлуката на ЈСП и градот, во која се наложува во Шуто Оризари да возат над 90 отсто од приватни превозници. Итно да си ги подмирите долговите кон приватните превозници и да им овозможите услови да продолжат да возат во Шуто Оризари. Итно да пуштите нови автобуси да возат во Општина Шуто Оризари. Итно да се обезбедат услови за редовно собирање на смет од домаќинствата во Општина Шуто Оризари и на дивите депони. Да обезбедите одржливост на донесените одлуки и да не се доведете во ситуација пак да ви дојдеме со истите барања после еден месец, рече Дудуш.

Претседателот на Универзитеското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Александар Николовски на протестот изјави дека од спроведената анкета на над 3500 студенти, 85 отсто од студентите во последниве две недели чекаат автобус повеќе од 15 минути, а 65 отсто повеќе од 20 минути.

Дополнително, како што рече, 95 отсто од студентите не се задоволни со услугите коишто ги нуди Градот Скопје во однос на јавниот градски превоз.

-Универзитеското студентско собрание се приклучи на овој протест, поради тоа што сметаме дека од лични интереси, партиски или политички препукувања студентите и средношколците не смеат да трпат товар. Затоа, бараме да престане злопупотребата и паѓањето на благосостојбата на студентите и срендошколците во текот на колоквиумската испитна сесија, рече Николовски.

Секретарката на Универзитеското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Адела Асани, на протестот испрати апел да се набават нови автобуси и да се пуштат нови автобуски линии.

-Апелираме да се набават нови автобуси и да се пуштат нови автобуски линии. Да почнат и да се завршат сите инфраструктурни ветувања, да се вложи и да се поддржат алтернативни опции на рпевоз. Да се изгради градска железница, како и пруга до аеродормот во Скопје и исто така, да се заврши проектот за „бас рапид транспорт“, изјави Асани.

Берин Мухамед од Сојузот на средношколци, пак, укажа дека на секој час може да се забележи дека половина од класот е празен поради немање на јавниот превоз.

-Веќе две години средношколците се залагаат јавниот скопски превоз да биде фер за сите средношколци. Во декември во 2023 година, од страна на Уставен суд беше донесена одлука дека скопсккот превоз треба да биде бесплатен за сите ученции. Во септември, оваа одлука на Уставниот суд не беше испочитувана од страна на градот Скопје. Учениците не можат да бидат присутни на часот, и не смееме да отсуствуваме од часови, додаде Мухамед.

Студентката Мерсина Даминова изјави дека десет отворени предмети, заверени во архивата во Скопје со над 1000 потписи, се однесени до Градот Скопје, до Владата и до локалната самоуправа, при што се укажува на итноста од решавање на овој проблем.

-Отворени се десет предмети кои се заверени во архивата во Скопје со над 1000 потписи, со што се укажува на итноста од решавање на овој проблем, којшто трае веќе со години. Доволно тапкаме во место, да продолжиме напред, рече Даминова.

На новинарско прашање до градоначалникот Дудуш, дали е во комуникација со градоначалничката Данела Арсовска, тој одговори дека таа е недостапна.

-Едноставно, градоначалничката е недостапна. Верувам дека не комуницира со ниеден градоначалник во Скопје. Имаме комуникација преку секретар на градот Скопје, но лична комуникација немаме, рече Дудуш.

Во Скопје два дена не сообраќаа автобуси поради тоа што ЈСП Скопје немаше нафта. Возеа само триесетина автобуси од кои 25 возат на гас. Состојбата беше надмината откако Владата донесе одлука на ЈСП да му се даде нафта за седум дена од државните резерви.бт/лв/

Фото: МИА