„Ги запознаваме ретките болести“: Дабин-џонсонов синдром
- Дабин–Џонсоновиот синдром претставува бенигно, ретко заболување кое се карактеризира со појава на хипербилирубинемија, предоминантно на конјугираниот билирубин. Болеста првпат е опишана во 1957 година од страна на патолозите Френк Џонсон и Исадор Дубин како клиничко-патолошки ентитет кој се состои од хронична идиопатска жолтица и неидентификуван пигмент во црниот дроб.
ДАБИН–ЏОНСОНОВ СИНДРОМ/ DUBIN JOHNSON SYNDROME (DJS)
MKB-10 E80.6
ПРЕВАЛЕНЦА – преваленцата на Дабин–Џонсоновиот синдром се проценува на помалку од еден случај на 100 000 лица на глобално ниво. Дабин–Џонсоновиот синдром влијае на лица од секакво етничко потекло, но најчесто се јавува кај иранските или мароканските Евреи, кај кои, поради мутации, е пријавено дека се јавува кај до 1/1 300 поединци.
ВОВЕД
Дабин–Џонсоновиот синдром претставува бенигно, ретко заболување кое се карактеризира со појава на хипербилирубинемија, предоминантно на конјугираниот билирубин. Болеста првпат е опишана во 1957 година од страна на патолозите Френк Џонсон и Исадор Дубин како клиничко-патолошки ентитет кој се состои од хронична идиопатска жолтица и неидентификуван пигмент во црниот дроб. Кај пациентите обично се појавува за време на адолесценцијата или младата зрелост со блага до умерена, повторлива жолтица без чешање, често предизвикана од интеркурентни болести, бременост, орални контрацептиви или лекови. Понекогаш се забележува присуство на абдоминална болка и замор за време на епидемии, а додека пак, хепатоспленомегалијата може да биде присутна во ретки случаи. Болеста подеднакво е застапена кај двата пола, иако кај машкиот пол обично се манифестира порано во текот на животот врз основа на лабораториски тестови.
ЕТИОЛОГИЈА
Дабин–Џонсоновиот синдром е бенигно заболување кое се наследува на автосомно рецесивен начин и е предизвикано од хомозиготни мутации во генот за повеќекратна отпорност на лекови, односно протеин 2 (ABCC2). Нарушената билијарна екскреција на билирубин глукурониди се должи на мутација во каналикуларниот повеќекратен протеин 2 отпорен на лекови (MRP2). ABCC2 кодира апикален мембрански транспортер зависен од ATP (АТП) кој посредува во одливот на билирубин глукурониди и други конјугирани органски анјони од хепатоцитите во жолчката. Конјугираната хипербилирубинемија е резултат на дефектен ендоген и егзоген трансфер на анјонски конјугати од хепатоцитите во жолчката. Темнопигментираниот црн дроб се должи на полимеризираните метаболити на епинефрин, а не на билирубинот.
СИМПТОМИ И ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ
Пациентите со Дабин–Џонсоновиот синдром најчесто се асимптоматски, иако одреден дел од нив можат да имаат благи конституционални симптоми. Главниот симптом е појавата на интермитентна жолтица, која се должи на дефектниот трансфер на билирубинот, кој првично се таложи во црниот дроб, а потоа преку крвта се депонира во кожата и очите. Кај жените, болеста може да биде супклиничка сè до периодот на бременост или до примената на орални контрацептиви, при што може да се јави јасна жолтица. Вообичаено, хепаталните тестови кај пациентите со Дабин–Џонсоновиот синдром се во границите на нормалата.
Активностите на ензимите на црниот дроб, односно аминотрансферази, алкална фосфатаза, гама-глутамил транспептидаза, вкупната концентрација на жолчката киселина, нивото на албумин и протромбинското време, се нормални. Може да се забележи поврзаност со недостаток на фактор VII на коагулација, особено кај иранските и мароканските Евреи. Хистолошките студии откриваат типично црно-кафеав грануларен пигмент на таложење во цитозолот на хепатоцитите, главно во центрилобуларната област, без други хистолошки абнормалности.
При дијагностицирањето, медицинското лице треба да се посомнева на Дабин–Џонсоновиот синдром кај пациенти кои покажуваат изолирана конјугирана хипербилирубинемија (без промени во активноста на ензимите на црниот дроб) во отсуство на каква било септична состојба, ултразвучна аномалија на црниот дроб или потенцијално интерферирачки лек. Во овој контекст, карактеристичниот модел на уринарна екскреција на копропорфирин (покачен дел од копропорфирин I, над 80 %, со нормално вкупно ниво на копропорфирин) обично е дијагностички за Дабин–Џонсоновиот синдром. Исто така, и 99mTc-HIDA холесцинтиграфијата може да биде дијагностичка, односно таа покажува задоцнета или невизуелизација на жолчното ќесе и жолчните канали и продолжена визуелизација на црниот дроб. Дефинитивната дијагноза може да се добие преку молекуларна анализа на генот ABCC2. Иако хистолошките студии исто така дозволуваат конечна дијагноза, биопсијата на црниот дроб не се изведува систематски со оглед на инвазивната природа на процедурата заедно со бенигната прогноза на болеста. Главната диференцијална дијагноза на која треба да се внимава е другата форма на конјугираната хипербилирубинемија – Роторов синдром.
ПОСЛЕДИЦИ
Дабин–Џонсоновиот синдром е бенигно нарушување и прогнозата за пациентите е добра, што ја нагласува потребата од правилна дијагноза за да се избегнат непотребни дијагностички процедури, третман и следење. Некои новороденчиња имаат холестаза, а хормоналните контрацептиви и бременоста можат да доведат до очигледна жолтица и иктерус (пожолтување на очите и кожата). Не е забележана прогресија до откажување на црниот дроб, или пак, цироза или хепатална фиброза.
ТРЕТМАН
Дабин–Џонсоновиот синдром е бенигна состојба за која не е потребен посебен третман, иако има податоци дека краткотрајната администрација на фенобарбитал го намалува нивото на серумскиот билирубин, но во некои случаи. Сепак, од голема важност е самата состојба да се препознае и да се диференцира од останатите облици на нарушување на метаболизмот на билирубинот за кои е потребен соодветен третман. Иако голем дел од пациентите во текот на животот имаат рекурентни епизоди на жолтица, истите се бенигни и вообичаено поминуваат без третман. Сепак, разградбата на одредени лекови може да биде засегната кај пациентите со Дабин–Џонсоновиот синдром, па од таа причина лекарите треба да бидат внимателни при одредувањето на терапија кај овие пациенти. Препорачано е генетско советување за пациентите со оваа болест и за нивните семејства.
Фото: илустрација