• Tuesday, 16 July 2024

Германија забрани крајно-десничарско списание

Германија забрани крајно-десничарско списание

Берлин, 16 јули 2024 (МИА) – Властите во четири германски покраини извршија претрес на имоти поврзани со десничарското екстремистичко списание Компакт (Compact), откако Министерството за внатрешни работи забрани неговото издавање обвинувајќи го дека работи против уставниот поредок.

Во соопштението на министерството се наведува дека претресите на имотот на списанието, како и на домовите на неговите водечки личности, раководството и водечките акционери во Бранденбург, Хесен, Саксонија и Саксонија-Анхалт, биле насочени кон запленување на имот и други докази.

„Тоа е централно гласило на десничарската екстремистичка сцена. Ова списание на неискажлив начин промовира омраза кон Евреите, луѓето со историја на миграција и нашата парламентарна демократија, изјави министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

Забраната, која се однесува и на компанијата ќерка на Компакт, Conspect Film, забранува секакво продолжување на претходните активности. Главниот уредник на Компакт Јурген Елсасер засега не одговорил барањата за коментар преку електронска пошта.

Месечникот, со тираж од 40.000 примероци и широко присуство на социјалните мрежи, го шири концептот на општество кое настојува да прикаже одредени етнички групи како граѓани од втор ред и да создаде клима на маргинализација, наведе германското МВР. јт/

Фото: ДПА