Гаши: Пратениците активно се залагаат за промоција на францускиот јазик и култура која значи и промоција на мирот, демократијата и човековите права
- Пратениците активно се залагаат за промоција на францускиот јазик и култура и на овој начин Собранието се приклучува кон останатите парламенти кои споделуваат вредности на оваа меѓународна парламентарна организација, истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешната работилница „Млад франкофонски парламент“ која се одржа во Собранието во рамки на Едукативнта активност „Имам став!“.
- Post By Фатиме Фазљији
- 13:04, 6 March, 2026
Скопје, 6 март 2026 (МИА) - Пратениците активно се залагаат за промоција на францускиот јазик и култура и на овој начин Собранието се приклучува кон останатите парламенти кои споделуваат вредности на оваа меѓународна парламентарна организација, истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешната работилница „Млад франкофонски парламент“ која се одржа во Собранието во рамки на Едукативнта активност „Имам став!“.
-Собранието како асоцијативна членка на Парламентарното собранието на Франкофонијата ги негува вредностите на Франкофонијата. Пратениците активно се залагаат за промоција на францускиот јазик и култура и на овој начин Собранието се приклучува кон останатите парламенти кои споделуваат вредности на оваа меѓународна парламентарна организација. Но, ова не значи само негување и натамошна афирмација на францускиот јазик во Македонија, туку значи и промоција на мирот, демократијата, човековите права, соработката меѓу народите и различните култури. Македонија е целосно приврзана кон овие вредности и како мултиетничко општество отворени сме кон различните етнички, јазични и културни идентитети. Затоа, ја разбираме потребата да се афирмира посебноста со сите различности преку интеракција и размена со другите. Драги ученици, денеска вие ќе бидете во прв план. Ќе имате можност да бидете дел од работата на парламентарците и да ја почувствувате моќта што ја има зборот и легитимитетот на пратеникот. Се надевам дека некој од вас ќе бидат инспирирани и да станат пратеници и да ги менуваат општествата и животите на нашите граѓани кон подобро, рече Гаши.

Тој потенцира дека врсничкото насилство, феноменот за лажни вести, како и младинската невработеност која тесно се поврзува со причините за иселувањето на младите се прашања за кои сите ние мора отворено, гласно и критички да размислуваме и активно да делуваме.

-Во сите три области потребни се континуирани реформи затоа што секогаш може да се направи повеќе. Но, тие реформи не можат да бидат успешни ако во нивното креирање не се вклучени сите. Ова е добра можност и да се слушне вашиот став и вашето размислување за овие прашања. Упатувам благодарност до професорите кои неуморно работеле со учениците, ги мотивирале и ги подготвувале за денешната дебата. Вашата професија и улога во животот на овие млади е многу благородна. Вие ја поставувате основата за натамошниот развој на младите кои се иднината на оваа државата, нашата иднина. Затоа, за трудот што го вложувате и за вашата беспоштедна посветеност, особено сум ви благодарен, рече Гаши.
Амбасадорот на Република Франција во Република Северна Македонија, Кристоф ле Риголер истакна дека важноста на јазичната разноликост е дека секој јазик ни овозможува секој од нас со своите нијанси да го изрази своето размислување.

- Францускиот јазик е јазик кој што е добро адаптиран за да може да се изразува своето лично размислување и став. Имаме јазик кој ни овозможува да се изразуваме преку големиот број на изрази. Важно во име на јазичната разноликост е дека секој јазик ни овозможува секој од нас со своите нијанси да го изразиме своето размислување. Може да жалиме, но е факт дека живееме во општества каде што голем дел од јавното мислење се ориентирани и подготвени преку алгоритмите кои се на социјалните медиуми чијашто распространетост брзо се шири се повеќе не затвора во подготвени мислење и начин на функционирање кој помалку ни овозможува да се конфронтираме со различни мислење. И мислам дека тоа е многу важно во институција како оваа дека улогата на сите нас, но и нашиот придонес кон здравјето на едно демократско општество се остварува преку индивидуалниот капацитет за да може да прифатиме поразлично мислење од нашето и да може здраво да разговараме со луѓе кои имаат поразлично мислење од нас, рече Риголер.

Швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија во Република Северна Македонија потенцира дека повеќејазичноста го фаворизира дијалогот, меѓусебната почит и инклузивноста.
-Францускиот јазик е мајчин јазик на една четвртина на швајцарското население. Швајцарија е повеќејазично општество. Идентитетот на Швајцарија се гради на ова разноликост. Не сме нација која е дефинирана од јазични критериуми или религиозни, туку нација која е дефинирана од желбата на нашите граѓани да живеат заедно и да го споделат заедничкиот пат кон иднината. Разноликоста за нас е стабилност, национална кохезија и мир. Повеќејазичноста го фаворизира дијалогот, меѓусебната почит и инклузивното владеење, лекции кои секогаш сме горди да ги споделиме на меѓународно рамниште. За нас, Франкофонијата е прозорец отворен кон светот затоа што францускиот јазик го зборуваат стотици милиони луѓе во нашата планета и е еден од шесте официјални јазици во Обединетите нации. Нашата посветеност во меѓународната организација на Франкофонијата е важна за зајакнување на демократијата. Неопходна си е денеска повеќе д кога и да е се мирот, трајниот развој и дигиталното управување. Среќни сме што Северна Македонија е дел од таа меѓународна организација и тоа е дополнителен мост помеѓу нашите две земји, рече Зомер, кој воедно присутните ги покани да учествуваат на сите активности на месецот на Франкофонијата кои веќе се отворени од неделава.

Иванка Василевска, претседател на Секцијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Франкофонијата нагласи дека промоцијата на францускиот јазик и култура не се само распространетост на јазик, туку како што рече, претставува и алатка за почитување и заштита на слободата, демократијата, економската и образовната соработка.
-Благодарение на нашата активност на меѓународен и државен план, придонесуваме лично за спроведување на нашата мисија на која сме посветени како држава членка во оваа меѓународна организација. Денес ја имаме честа да бидеме колеги на овие млади луѓе. Денес тие имаат можност да станат политички чинители и да дебатираа за прашања од актуелни теми не само во нашите општества, туку и во Европа и во целиот свет. Во исто време, нивната дебата ќе ни овозможи да ги слушнеме нивните размислувања и сугестии за да ги надминеме проблемите поврзани со овие прашања и да донесеме подобри правни решенија за да може да делуваме, рече Василевска. фф/са/
Фото: МИА