• Thursday, 03 October 2024

Во Штип од утре Фестивал на камерни хорови „Астибо фест“

Во Штип од утре Фестивал на камерни хорови „Астибо фест“

Штип, 3 октомври 2024 (МИА) - Интернационалниот Фестивал на камерни хорови „Астибо фест“ почнува од утре информираше на денешната прес-конференција уметничката директорка на „Астибо фест“, Ивана Ѓурѓевиќ-Јанков. Фестивалот ќе го има седмото изддание и ќе се одржи на 4 и 5 октомври, на сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“ - Штип.

-Учесници на седмото издание на „Астибо фест“ ќе бидат женски камерен хор „Керамија“ од Прилеп, градски камерен хор „Ѓергев“ од Делчево, фолк арт формација од Ќустендил, Република Бугарија, хор при гимназијата во Делчево, потоа женска  група „Ѓурѓа“ од Делчево, хорови од Крагуевац, Република Србија, два реномирани хорови со богата хорска традиција „Кочо Рацин“ од Скопје и академски хор „Мирче Ацев“ од Скопје, секако ќе се претстави и хорот домаќин „Астибо“ од Штип, вели Ѓурѓевиќ-Јанков.

Свеченото отварање на Фестивалот „Астибо фест“ е утревечер во 19 часот, сите хористи пред почетокот на фестивалот ќе ја испеат песната „Да живее музиката“.

Таа додаде дека фестивалот свечено ќе го отвори градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, влезот е слободен, за сите граѓани кои сакаат да уживаат во убавата музика. Фестивалот на камерни хорови „Астибо фест“ секоја година го организира хорот „Астибо“ од Штип, коорганизатор е Центарот за култура „Ацо Шопов“, а е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам. вдј/сст/ 

Фото: МИА