Во Скопје се одржа 12-тата годишна конференција на Здружението на преведувачи и толкувачи на Северна Македонија
- СООПШТЕНИЕ-На крајот на овој дел се разви дискусија во однос на иднината на преведувачката професија, како и на кој начин моделите со вештачка интелигенција може да помогнат во преведувачкиот процес. Заклучокот е дека вештачката интелигенција треба да се гледа како алатка која може да му помогне на преведувачот, а не како закана која би можела да го замени преведувачот во целост.
Скопје, 16 ноември 2024
Конференцијата започна со воведно обраќање на претседателката на ЗПРМ, г-а Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, а потоа продолжи со излагањата на д-р Костадин Мишев, (Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство) кој зборуваше на тема „Иднината на преведувањето - надополнување на човечката експертиза со вештачката интелигенција“, м-р Андријана Павлова (Институт за македонски јазик) која зборуваше за „Создавање специјализирани GPT-модели и нивната примена во преведувачката дејнoст“, и Никола Трајков од компанијата Things Solver презентираше какo е креиран и какo рабoти MKLLM-7B - open source јазичниот мoдел за македoнски јазик. Исто така, во овој сегмент говорниците се осврнаа и на моменталната ситуација со примената на компјутерските јазични модели и вештачката интелигенција во преведувањето, но и пошироко.
На крајот на овој дел се разви дискусија во однос на иднината на преведувачката професија, како и на кој начин моделите со вештачка интелигенција може да помогнат во преведувачкиот процес. Заклучокот е дека вештачката интелигенција треба да се гледа како алатка која може да му помогне на преведувачот, а не како закана која би можела да го замени преведувачот во целост.
Секако беше препорачано да не се користат резултатите од вештачката интелигенција без проверка и некритички, бидејќи резултатите сè уште содржат грешки, а особено не се препорачува да се користи во наставниот процес без насоки и надзор од наставник.
Се препорача да се најдат начини како овие јазични модели да се искористат за промоција на македонскиот јазик особено меѓу помладите.
Во попладневниот дел од конференцијата се одржа панел дискусија на тема „Справувањето со странцизмите при преведувањето“ модерирана од Огнена Никуљска (ЗПРМ), професор и реномиран книжевен преведувач. Панелисти беа проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ – Скопје, д-р Татјана Ефтимоска, професорка по македонски јазик и лекторка, професорите од Филолошкиот факултет д-р Радица Никодиновска и д-р Исмет Османи, како и претставниците од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ проф. д-р Лидија Тантуровска и проф. д-р Борче Арсов.
Во рамките на дискусијата панелистите ги наведоа своите ставови во однос на прифаќањето на странцизмите во различни ситуации и контексти. Секако новите технологии наметнуваат потреба од изнаоѓање на нови термини особено за новите концепти и поими. Но, доколку се јави потреба од воведување на нови зборови, тие треба да се прилагодат на зборообразувачките правила на македонскиот јазик. Потенцијалот на македонскиот збообразувачки систем е голем и треба да се искористи за да се дојде до преводни еквиваленти кои се прифатливи за сите, а се сепак во духот на македонскиот јазик.
Професорот Мартиноски даде осврт на дилемите при препејување на поезија, професорката Никодиновска повеќе се осврна на пренесувањето на личните имиња во книжевни текстови. Татјана Ефтимоска го сподели својот став дека не треба да покажуваме отпор кон новите зборови кои го збогатуваат јазикот бидејќи речникот на еден јазик е најтолерантното нешто и треба да ги поздравиме сите нови зборови кои го збогатуваат јазикот.
Борче Арсов се наврати на улогата на лекторот особено во однос на лекторирање на книжевни дела, но и посочи на инертноста на корисниците на јазикот кои некритички преземаат туѓи зборови и фразеологизми.
Исто така се заклучи дека ЗПРМ и Институтот за македонски јазик треба да излезат со иницијатива за формирање на јазично одделение во Институтот кое ќе биде во директна комуникација со преведувачите и со стручните лица од различни профили и ќе понуди превод на термини поврзани со новата технологија.
ЗПРМ
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.