• Saturday, 13 December 2025

Во македонскиот КИЦ во Белград почнува литературна манифестација „Денови на македонската литература за деца 2025“

Во македонскиот КИЦ во Белград почнува литературна манифестација „Денови на македонската литература за деца 2025“

Белград, 23 октомври 2025 (МИА) - Од денеска до сабота во македонскиот Културно-информативен центар во Белград ќе се одржи литературната манифестацијата „Денови на македонската литература за деца 2025“.
Воведно обраќање попладнево во 18 часот ќе имаат: директорот на македонскиот КИЦ во Белград, проф. д-р Васко Шутаров и програмскиот уредник на проектот м-р Ели Маказлиева.

На манифестацијата ќе има презенатција за значењето на литературата за деца како предизвик и императив, а ќе бидат претставени неколку автори-писатели за деца и ќе бидат промовирани нивните најнови книги во издание на носителот на проектот и организаторот - издавачката куќа ЕДУКА МАК.

Книгата за деца „Пчеличката Баз“ избрана на конкурсот за наградата „Литературни пишувалки - патувалки 2025“ ќе биде промовирана од страна на претседателката на жири комисијата проф. д-р Елизабета Бандиловска, а на авторката Билјана Лотеска ќе ѝ биде врачена плакета.

На сите учесници и соработници во проектот ќе им бидат доделени признанија и благодарници. Носителот на проектот и организатор ЕДУКА МАК на манифестацијата ќе подари 100 книги на македонскиот КИЦ во Белград.

Програмата за оваа манифестација е богата со настани и програмски активности што ќе се реализираат и во текот на наредните два дена на 24 и 25.10.2025.

Меѓу другото учесниците ќе ја посетат предучилишната установа „Савски Венац“ - градинката „Царица Милица“, ќе разменат искуства за користење на литературата за деца, ќе промовираат изданија за предучилишна возраст, ќе доделат подароци со национални обележја, книги за децата и ќе реализираат работилници, промоции и презентации.

Учесниците ќе разменат искуства и ќе остварат средби со писатели од Србија и српски издавачки куќи на Меѓународниот саем на книгата во Белград в сабота каде ќе реализираат меѓусебни договори за размена и превод на книги за деца.

Преку проектот„ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА ЗА ДЕЦА 2025“ во КИЦ на РСМ во БЕЛГРАД се афирмира домашното литературно творештво и се придонесува за збогатување на културната размена помеѓу Македонија и Србија. За таа цел планирано е да се потпише меморандум за меѓусебна соработка помеѓу „ЕДУКА МАК“ и српската издавачка куќа „ПЧЕЛИЦА“со цел размена на права и лиценци за превод на книги за деца од македонски на српски јазик и обратно.

Проектот е поддржан од македонското Министерството за култура и туризам. зш/