• Friday, 14 March 2025

Во Кавадарци отворена изложба на дела од уметникот Петар Попчев

Во Кавадарци отворена изложба на дела од уметникот Петар Попчев

Кавадарци, 13 март 2025 (МИА) - Изложба на дела од ликовниот  уметник Петар Попчев беше отворена вечерва во Музеј галеријата во Кавадарци. Трајче Цветков, виш кустос историчар на уметноста, рече дека делата го носат духот на неговиот долгогодишен труд и неговата уметничка визија.

- Станува збор за  уметник кој веќе неколку децении активно ги истражува и ги спојува различните правци и стилови во ликовната уметност. Неговата уметничка практика е многу повеќе од едноставен израз, тоа е патување низ апстракцијата, емоцијата, симболиката, па се до византиското сликарство кои тој ги вметнува во своите слики. Во неговото творештво се чувствува силен контекст на историјата, но истовремено и личната интерпретација на светот во кој живееме денес, истакна Цветков. 

Притоа нагласи дека неговите слики носат духовни пораки, тие се динамични, живи и полни со интензивни бои, што предизвикуваат размислување и патување низ историјата и филозофијата, до јазот помеѓу човекот и светот.

- Неговото внимание на детали, неговиот специфичен пристап кон техниката и неговата способност да ги комбинира различните традиции и стилови, го прават неговото сликарство единствено и незаборавно. Затоа, вечерва, ние не само што ќе се восхитуваме на неговото визуелно изразување, туку ќе се потрудиме да ги разбереме и значењата што се кријат зад секоја слика, нагласи Цветков. 

 Притоа додаде дека тоа е вистинската вредност на уметноста, да не не остави рамнодушни, туку да не поттикне да размислуваме.

- На крајот, сакам да му се заблагодарам на Петар Попчев за неговиот несебичен придонес во македонската уметност. Неговото долго патување како уметник е инспирација за сите нас и без сомнение, ќе продолжи да влијае на идните генерации. Се надевам дека ќе уживате во изложбата и ќе го почувствувате духот на неговото уникатно сликарство, подвлече Цветков. 

Пред присутните се обратија и директорот на музејот, Јаким Зимоски и авторот, кои изразија задоволство од соработката. сд/вј/

Фото : МИА