• Wednesday, 15 January 2025

Во Дебар деца суројчари ја продолжија традицијата 

Во Дебар деца суројчари ја продолжија традицијата 

Дебар, 14 јануари 2025 (МИА) - По повод Православна Нова година, деца суројчари во Дебар ја продолжија вековната традиција, карактеристична за овој крај.

Среќна и бериќетна година годинава посакаа Дарко, Иван и Дамјан.

Тие ги посетија православните домови, пеејќи „сура, сура година, до година повесели“, а за убавите и искрени детски желби домаќините ги даруваа со пари и слатки.

Некогаш, кога во градот живееле голем број православни имало по повеќе групи, со по десеттина деца, последните години традицијата ја продолжуваат само неколку дечиња.

- Многу и се радувам на посетата на децата суројчари, кои кога доаѓаат на врата го развеселуваат домот. Фала му на Бога што продолжува традицијата, вели Јованка Василевска, која ја наближува осмата деценија од животот.

Објаснува дека суројцата, која главно ја прават бабите, но и мајките, направена е од страк од лозница, гранчиња од леска, дрен, даб и босилек заврзани со црвен конец.

Традицијата воспоставена пред повеќе од три децении, на кршење василичарска погача ја продолжија и дебранки. Погачата ја подготви Весна Миновска, каде лани се падна паричката, а синоќа најсреќна беше Доста Штерјовска, која посака здравје, среќа, благосостојба и продолжување на традицијата. вт/дма/


Фото: МИА

You May Also Like