Зајакнување на билатералните односи и регионалната стабилност во фокусот на средбата Муртезани - Фидан
- Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, оствари продуктивна средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, во рамки на својата работна посета на Анкара, која била фокусирана на важни прашања од политички, економски и социјален карактер, со акцент на зајакнување на билатералните односи и регионалната стабилност, соопшти денеска Министерството за европски прашања.
- Post By Виолета Геров
- 17:33, 14 January, 2025
Скопје, 14 јануари 2025 (МИА) - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, оствари продуктивна средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, во рамки на својата работна посета на Анкара, која била фокусирана на важни прашања од политички, економски и социјален карактер, со акцент на зајакнување на билатералните односи и регионалната стабилност, соопшти денеска Министерството за европски прашања.
Министерот Муртезани, се посочува, ја истакнал важноста на Турција како значаен политички и економски актер на Балканот. Турција, се додава, игра централна улога во стабилизирањето на регионот и справувањето со глобалните и регионалните предизвици, вклучително и поддршката за економски раст и стабилност во земјите од Западен Балкан. Министерот подвлекол дека оваа соработка има стратешко значење за унапредување на економските и политичките врски.
-На средбата беше договорено дека унапредувањето на високиот политички дијалог меѓу Северна Македонија и Турција е од суштинско значење. Двајцата министри се согласија за потребата од идентификување на точки од заемен интерес кои ќе овозможат уште поголема соработка, особено во областа на економијата, трговијата и културната размена, стои во соопштението.
Северна Македонија, се посочува понатаму, како мултикултурно и мултиетничко општество, особено ја цени поддршката на Турција во унапредување на социјалните структури и инклузивноста. Било нагласено дека заедничките иницијативи за јакнење на општествените врски претставуваат модел на позитивна соработка што придонесува за стабилноста и развојот на регионот.
-Министерот Муртезани потенцираше дека забрзаното интегрирање на регионот во европските структури претставува можност за зголемен раст и развој. Тој нагласи дека соработката со Турција, како важен сојузник во овој процес, е клучна за обезбедување на економска и политичка стабилност, како и за унапредување на евроинтегративните напори на Северна Македонија, се наведува во соопштението.
Двајцата министри, се посочува, дискутирале и за важноста на стабилноста на енергетскиот сектор, како и можностите за заеднички енергетски проекти. Било нагласено дека енергетската соработка претставува важен дел од билатералните односи и стратешки приоритет за обезбедување на одржлив развој.
-Министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната поддршка на Турција во процесот на интеграција на Северна Македонија во европските структури. Тој ја нагласи заедничката визија на двете земји за стабилен, мирен и просперитетен Балкан, кој е интегриран во Европската Унија и подготвен да се справи со современите предизвици, се потенцира во соопштението од Министерството за авропски прашања. вг/цр
Фото: Министерство за авропски прашања